Фирмите за брзи кредити веќе нема да ги „цицаат“ граѓаните, бидејќи со измените во Законот за финансиски друштва, кои се во подготовка, ќе се ограничат енормните камати и провизии за овие кредити. Министерството за финансии неодамна ги предупреди фирмите за брзи кредити да престанат со манипулативни реклами бидејќи, во спротивност, ќе се соочат со казни. Ова предупредување следуваше по извршениот надзор во кој инспекторите откриле повеќе неправилности, како одобрување кредити со 0 % камата, иако во договорите со клиентите биле предвидени дополнителни трошоци. Со законските измени се предвидува дека вкупниот износ кој граѓаните треба да го вратат не смее да надмине 150 отсто од износот на долгот.
– Ако долгот е 20.000 денари, граѓанинот нема да враќа повеќе од 30.000 денари. Иако досега се евидентирани неправилности, не се одземени лиценци на друштва, туку се издадени опомени и прекршочни пријави. Компаниите што наплатиле повеќе од дозволеното, ќе мора да ги вратат средствата на граѓаните, неодамна објасни министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска.
Практиката на рекламирање на брзите кредити со 0 % камата по телевизиите, интернетот или на билбордите по градот трае со години, а инспекторите дури сега се сетија да ги проверуваат овие финансиски друштва.
Според Законот за заштита на потрошувачите, трговската практика се смета за измамничка ако во рекламата изостануваат клучни информации што се важни за потрошувачот да донесе одлука.
– Потрошувачите сè почесто пријавуваат неправилности и проблеми со компаниите за мали кредити. Меѓу најсериозните проблеми со кои се соочуваа клиентите се агресивните методи на наплата на долговите кои вклучуваа постојани телефонски повици, посети на домовите и на работните места на корисниците на кредитот за неподмирени долгови. Исто така, овие финансиски друштва наплатуваа прекумерни надоместоци, а кредитите се рекламираат со 0 % камата и без учество. Договорите што ги потпишуваат со клиентите најчесто содржат скриени трошоци и ситни букви кои тие најчесто немаат време да ги прочитаат бидејќи треба да ги потпишат брзо, изјави за весникот ВЕЧЕР, Маријана Лончар-Велкова, претседател на Организација на потрошувачи.
Во Законот за заштита на потрошувачи стои дека во договорот за потрошувачки кредит треба да има 15 дена рок на откажување, што често не се применува од страна на овие фирми. Лончар-Велкова појаснува дека финансиските друштва најчесто бараат враќање на двоен износ на кредитот при раскинување на договорот во рок од 14 дена и покрај тоа што, според Законот, има право во тој рок да го раскине без дополнителни трошоци.
– Најчесто, во договорите има одложени плаќања кои понекогаш се преструктуираат и достигнуваат суми кои најчесто ја надминуваат главнината на долгот. Финансиските друштва често испраќаат опомени преку писма, СМС-пораки и други средства, што е спротивно на Законот за заштита на потрошувачи. Исто така, наплатувањето на опомени ОПМ го идентификуваше како прекршување на член 36. Имено, Законот забранува наплата на трошоци поврзани со доцнење на исплатата, што е спротивно и со Закон за облигациони односи според кој не може да се наплаќа казнена камата, вели претседателката на ОПМ.
Таа наведе и низа други неправилности, како одобрување кредити на малолетни лица, на ранливи категории, односно користење на нивни податоци од трети лица. Како еден од проблемите со брзи кредити од ОПМ го наведуваат и фактот што законската рамка ги опфаќа само трошоците поврзани со редовни отплати, а казни за доцнење, надомест за финансиско советување и други надоместоци, најчесто не се вклучени. Поради тоа кредитите од 10 илјади денари со овие надоместоци најчесто достигнуваат и до 100 илјади денари.
Од ОПМ велат дека со Законот за финансиски друштва од 2023 година се воведе одреден ред – се зголеми основачкиот капитал, се намали бројот на финансиски друштва од 36 на 26, се ограничија надоместоците, се создаде обврска за транспарентни тарифи и строги процедури за идентификација на клиентите. Од Организацијата апелираат дека треба да се вршат почести проверки и контроли на овие финансиски друштва за да се спречи практиката да ги „цицаат“ граѓаните.
Годинава, инспекторите забележале и други спорни практики на овие компании како што се рекламирање брзи кредити под името на разни трговски марки, без јасно да се наведе кое финансиско друштво ја нуди услугата. Една „продавница за пари“ користи повеќе веб-страници и различно име во промовирањето на брзите кредити во деловните простории од она што е наведено во дозволата за работа што ја добила од Министерството за финансии.
Во изминативе години е забележан сериозен пораст на побарувачката на брзи пари, покажуваат анализите на Народната банка. Според нивните последни објавени податоци за 2024 година, во „продавниците за кеш“ се свртени 169 милиони евра, што е за 12 милиони евра повеќе од 2023 година. За споредба во 2021 година, овој бизнис „тежел“ 119 милиони евра. Податоците покажуваат дека пазарот на брзи кредити расте и годишно се склучуваат преку 200.000 договори со вкупна вредност од 133 милиони евра, од кои 114 милиони се долгови на физички лица.
(А. С.)












