среда, јули 8, 2026
Дома БАЛКАН Вучиќ: Изборите ќе бидат одвоени, најверојатно прво ќе се одржат парламентарните

Вучиќ: Изборите ќе бидат одвоени, најверојатно прво ќе се одржат парламентарните

24

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави дека претстојните претседателски и парламентарни избори во Србија ќе бидат одвоени, и дека најверојатно прво ќе се одржат парламентарните избори.

„Тие секогаш барале, минатиот пат инсистираа, и јас ги почитувам барањата и на опозициските партии и на сите други, овие избори да бидат одвоени, за да имаат повеќе можности и луѓето да донесуваат одлуки на различни начини“, изјави Вучиќ за Радио Телевизија Србија.

Како што изјави, одлуката за распишување на изборите ќе биде донесена или во август или во септември, така што изборите би можеле да се одржат во октомври или ноември.

„Најверојатно прво ќе се одржат парламентарните, потоа претседателските и така одат работите“, рече Вучиќ.

Вучиќ најави дека пакетот мерки за помош на граѓаните веројатно ќе биде спроведен кон средината на септември.

„Пакетот мерки ќе биде порано отколку што планиравме, дефинитивно ќе биде во септември, средината на септември“, рече Вучиќ, кој претходно најави дека овие мерки ќе се однесуваат на еднократна помош за пензионерите и намалување на цената на лековите.

Тој додаде дека верува оти граѓаните ќе бидат задоволни со нешто друго.

„Не можам да кажам со сигурност, но верувам дека ќе ги направиме сите возрасни граѓани среќни, а не со средства од буџетот, за некој да не помисли дека е поради изборите. Сè уште истражуваме“, рече Вучиќ.

Тој истакна дека стапката на инфлација во Србија во јуни била 2,7 проценти, што е пониско отколку во ЕУ.

„Имаме проблем, повторно избувна војна меѓу Америка и Иран, за жал бев во право, бидејќи коренот на проблемот не е решен. Некој мора јасно да победи за да дојде мирот. Тоа ни создава проблем со цената на нафтата. Утре мора да издвоиме државни пари за да ја одржиме цената на нафтените деривати“, рече Вучиќ, пренесува „Бета“.

ИЗДВОЕНИ