Нов предизборен спот за листата „Александар Вучиќ – Обединета Србија“ привлече значително внимание во регионот бидејќи е речиси идентичен со реклама во која се појавува израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху пред 11 години.
Вучиќ го објави спотот на својот профил на платформата „Икс“ (X) на 10 октомври,а во видеото, поранешниот претседател на Србија се појавува на вратата кај еден пар што се подготвува да излезе, при што тој останува да му прави друштво на еден постар господин.
„Баравте некој на кого можете да се потпрете“, вели Вучиќ во спотот.
Речи претварамо у дела. pic.twitter.com/sxSOmdHjah
— Александар Вучић (@avucic) October 10, 2026
Партијата „Ликуд“ на Нетанјаху искористи речиси идентично сценарио пред парламентарните избори во Израел во 2015 година. Во спотот објавен на 31 јануари таа година, млад пар се подготвува за излегување кога Нетанјаху – наместо бебиситер – им тропа на вратата.
„Баравте бебиситер? Добивте ’Биби-ситер‘“, рече тогаш израелскиот премиер, играјќи на картата на својот прекар „Биби“.
Рекламата на Нетанјаху стана една од најгледаните во таа кампања. Како што пренесе „Тајмс оф Израел“, таа ја освои и наградата „Поли“ (Pollie Award) од Американското здружение на политички консултанти за најдобра политичка кампања во 2015 година.
Вучиќ и Нетанјаху ги користат услугите на истите израелски политички консултанти, кои во последните години работеле на кампањите и на двајцата политичари. Кон крајот на септември, Вучиќ поднесе оставка од функцијата претседател на Србија, седум месеци пред истекот на неговиот мандат.
Предвремените парламентарни избори во Србија ќе се одржат на 25 октомври.












