Паркот „Олимписки сон“ викендов беше центар на адреналинот, дружењето и на мотозабавата. Второто издание на мотособирот собра голем број моторџии и посетители од повеќе градови. Настанот, поддржан од Општина Бутел и организиран од мотоклубот „Црни“, најавува прераснување во традиционална манифестација

Општина Бутел викендов беше во знакот на моторите, адреналинот и на добрата забава, откако во паркот „Олимписки сон“ се одржа вториот мотособир, кој привлече голем број моторџии и посетители од различни делови на земјава.

Настанот понуди богата и разновидна програма, во која присутните имаа можност да уживаат во мотоигрите, музичката забава и во богатата гастрономска понуда. Паркот беше исполнет со позитивна атмосфера, дружење и заедничко уживање на љубителите на возилата на две тркала.

Организатор на собирот беше мотоклубот „Црни“ од Радишани, кој и оваа година успешно го реализираше настанот. Од клубот изразија задоволство од големиот интерес и од поддршката што ја добија од учесниците и од локалната заедница.

Значајна улога во организацијата имаше и Општина Бутел, која и годинава беше главен поддржувач и генерален спонзор на мотособирот, придонесувајќи за неговото успешно одржување и за понатамошниот развој.

Организаторите најавија дека мотособирот ќе продолжи да прераснува во традиционален настан, со амбиција следната година да привлече уште повеќе учесници и посетители, како и да понуди уште побогата и поатрактивна програма.

 

ИЗДВОЕНИ