Новиот врховен ирански лидер, ајатолахот Моџтаба Хамнеи, e префрлен во Москва со руски воен авион, во тајна операција, поради повреди здобиени во американско-израелскиот напад на 28 февруари.
Таму тој е успешно опериран и моментално се лекува во болница поврзана со претседателската резиденција, објави кувајтската агенција „Ал Џарида“, повикувајќи се на извор близок до иранското раководство.
Според изворот, за неговите повреди биле потребни специјализирана медицинска нега и следење, кои не можело да се обезбедат во Иран, поради континуираното бомбардирање и израелските закани дека тој е нивна цел.
Изворот наведува и дека иранските безбедносни служби биле особено загрижени за евентуалното идентификување на неговата местоположба преку лекарите и специјалистите што го лекуваат, поради што е одлучено да се спроведе третманот во Русија.
Како што дознава „Ал Џарида“, во телефонски разговор со иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, рускиот претседател, Владимир Путин, наводно лично предложил Моџтаба да биде лекуван во Москва, по што тој бил пренесен таму во четврток вечерта, заедно со неколкумина ирански лекари.
„Ал Џарида“ на 4 март објави дека Моџтаба претрпел повреди од глава до петици на левата страна од телото, откако паднале урнатини покрај него, во напад врз комплексот во Техеран каде што се наоѓаат неговиот дом и канцеларијата на неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи, кој загина во нападот.












