Присуството на актуелниот министер за социјална политика во македонската Влада Фатмир Лимани на ифтарската вечера која ја организира албанскиот премиер Еди Рама предизвика реакција на коалицијата „Вреди“. Во синоќешната објава на Фејсбук страницата на оваа коалиција, која е дел од владиното мнозинство, се поставува дилема дали Лимани се придружил на албанската опозиција и на лидерот на ДУИ Али Ахмети.
-Актуелниот министер Фатмир Лимани „замина“ кај Али. Како го коментирате неговото заминување од Движењето БЕСА!? – стои во објавата на Фејсбук страницата на „Вреди“.
На фотографијата, направена по ифтарската вечера, се гледа Лимани во друштвото на Али Ахмети, Арбен Таравари и други албански опозициски политичари.
Од коалицијата „Вреди“ во изјавата за ТВ 21 нагласија дека во интерес на вистината и за да се избегнат различни толкувања во јавноста, Лимани треба лично да објасни зошто седел на заедничка маса со Али Ахмети и Арбен Таравари.
-Во интерес на вистината, а со цел да се прекинат различните толкувања за вечерашната ифтарска фотографија кај албанскиот премиер Еди Рама, очекуваме Фатмир Лимани лично да ѝ објасни на пошироката јавност зошто седел на заедничка маса со Али Ахмети и Арбен Таравари. По сè што јавно има изјавено против нив, Лимани има морална обврска да ги разјасни забуните што природно се наметнуваат – изјавија од „Вреди“ за ТВ21.
Иако истиот ден Владата на Северна Македонија, заедно со премиерот Мицкоски, организираше ифтар за членовите на владата и за новинарите во Скопје, Лимани сепак одлучил да присуствува на настанот во Албанија. (Б.Ѓ.)












