понеделник, јули 6, 2026
Дома СВЕТ Возот од романот на Агата Кристи патува низ Балканот: Уживањето во луксузот...

Возот од романот на Агата Кристи патува низ Балканот: Уживањето во луксузот на „Балкан експлорер“, кој го буди духот на „Ориент експрес“, чини најмалку 20.000 евра

118

Дванаесетдневното патување почнува во Венеција, па преку Словенија, Хрватска, БиХ, Србија и Бугарија се стигнува во Истанбул. Секој детаљ во возот ја евоцира атмосферата од минатото. Потсетува на патувањата од златното време на железницата во шеесеттите и седумдесеттите години, но сè е ново. Сè зрачи со носталгија и со луксузот на „Ориент експрес“

Низ седум земји со воз што го евоцира духот на романот на Агата Кристи и некогаш многу популарниот „Ориент експрес“. Ова не е фантазија, туку реалност што може да се доживее со возот „Балкан експлорер“, познат и како крузер на шини.

Возот во моментов ита кон крајната дестинација – Истанбул откако пред неколку дена тргна од Венеција, па застана во италијанскиот град Трст и во Постојна во Словенија, потоа во Пула и Риека во Хрватска, па во Сараево и Мостар во Босна и Херцеговина, а пред еден ден пристигна во Белград, каде што треба да остане два дена. Сега е на пат за Бугарија, каде што има станици во Софија и Пловдив, пред да стигне до целта – Истанбул, Турција, кој патниците ќе имаат можност да го разгледуваат три дена. Секаде каде што застанува, го привлекува вниманието на минувачите, кои се обидуваат да ѕирнат во неговата луксузна внатрешност.

Ексклузивните возови на „Голден игл лакшри треинс“ на маршрутата од Венеција до Истанбул им нудат на патниците апартмани, ресторани, барови и искуството од златното време на патувањето со железница. Турата со „Балкан експлорер“ е една од најскапите и најлуксузни железнички тури во Европа. Патувањето чини најмалку 20.000 евра. А за тие пари се добива 12- дневно патување низ седум земји, при што се посетуваат некои од најпознатите градови во Југоисточна Европа, престој во кабини уредени на ниво на хотел со пет ѕвездички, како хотелски соби или апартмани со свои бањи или тушеви, панорамски прозорци, Интернет и простор за одмор. Вагон-рестораните нудат оброци подготвени како во угостителските објекти од висока класа.

Пред четири дена, возот застана во Сараево и, како што јавуваат тамошните медиуми, патниците имале неколку часа за разгледување на знаменитостите на градот, а и да ја пробаат локалната храна. Во возот има околу 40 вработени, меѓу кои и Стефан Јовиќ од Србија, кој работи на луксузните железнички тури низ Европа веќе пет години.

– Ова е како крузер, само не на вода, туку на шини – вели тој за „Т бизнис“.

Објаснува дека во текот на турата, патниците не доаѓаат само за луксуз туку и за доживување на панорамско патување низ Балканот и Европа. Вели дека гостите се претежно Американци, кои го сметаат овој начин на патување за особено привлечен и се воодушевени од возот, бидејќи тие не патуваат со воз, туку најчесто користат авионски превоз.

– Секој детаљ во возот ја евоцира атмосферата од минатото. Потсетува на патувањата од шеесеттите и седумдесеттите години, но сè е ново. Сè зрачи со носталгија и луксуз. Сè во возот е луксузно, треба да зрачи со луксуз, но од минатото. Ова е како „Ориент експрес“ – вели Стефан.

„Балкан експлорер“ има осум вагони за спиење со вкупно 32 кабини, два вагони ресторани и еден вагон – бар. Маршрутите се планирани однапред и се одвиваат надвор од редовниот железнички сообраќај. Капацитетот на возот е до 80 патници, а цените ја потврдуваат ексклузивноста на ова искуство. Најевтината луксузна кабина за две лица чини околу 20.100 евра, додека полуксузните апартмани имаат значително повисоки цени. Но патниците немаат никакви дополнителни трошоци. Тие ја имаат привилегијата да уживаат во глетките низ панорамските прозорци, пиејќи шампањ.

– Ова патување што го одбележува целиот живот ве транспортира од волшебниот град на водата до бисерот на Византиската Империја. Евоцирајќи на префинетоста и раскошната елеганција на една мината ера, нашите возови го доловуваат винтиџ шармот на златната ера на патувањето. Почнете го вашето патување во Венеција пред да се прошетате низ волшебниот балкански регион. Доживејте ексклузивни екскурзии низ оваа иконска маршрута пред да пристигнете во магичниот град Истанбул – стои на веб-страницата на компанијата што го организира патувањето.

 

ИЗДВОЕНИ