На следните парламентарни избори нема да има политички партии што ќе останат без државни пари за рекламирање, како што им се случило тоа на движењето ЗНАМ и на Левица, на гласањето пред две години. Подготвеност и конкретни предлози како да се отстрани спорната недореченост во сè уште актуелниот Изборен законик биле искажани на вчерашната седница на работната група за промени во овој законски акт. Како што дознава ВЕЧЕР, членовите на групата, на својата петта седница, најголем дел од расправата посветиле на наоѓањето решение во иднина да не се случи ваква дискриминација на дел од партиите. Познато е, двете партии останаа без државни пари со кои требаше да ја платат кампањата во медиумите откако произлезе дека во Законикот нема одредба што би овозможила нивните пратенички групи, кои тогаш имаа по шестмина пратеници, да добиваат средства од државниот буџет. Наспроти ова, сите други учесници на парламентарните избори можеа да сметат на одреден дел од државните пари.
Еден од учесниците во работата на меѓупартиската група, кој сакаше да остане анонимен, изјави за ВЕЧЕР дека решението е на повидок и дека има неколку прифатливи варијанти.
– Предлог за решение има од претставниците на неколку партии, и сите се издржани. Има и расположение да се најде решение и мислам дека брзо ќе се дојде до него. Идејата е сите партии што ќе освојат макар и еден пратеник на изборите, да имаат право да добијат пари за кампања од државниот буџет. Се разбира, за тоа ќе треба да се направи соодветен сооднос со кој износот на парите ќе зависи од бројот на освоени пратенички места. Во секој случај, да не се повтори ситуацијата партијата да има и по шестмина пратеници, а да не смее да добие пари за својата кампања – наведува нашиот извор.
Договорот што е постигнат на завчерашната седница предвидува претставниците на партиите до 29 мај да ги достават своите финални предлози за идните законски формулации. На следното среќавање, кое е закажано за 2 јуни, се очекува да се пресече околу конечното решение, кое би било предложено за усвојување заедно со сите други договорени промени.
Во Изборниот законик, во членот 75-ѓ е наведено дека најмногу 45 отсто од рекламниот простор може да им се даде на двете најголеми политички партии од позицијата што на последните избори за пратеници во Собранието на Република Македонија освоиле најмногу гласови. Исто така, најмногу 45 проценти од рекламниот простор може да им се даде на двете најголеми политички партии во опозиција што на последните избори за пратеници во македонското Собрание освоиле најмногу гласови. Покрај ова, најмногу 7 отсто од рекламниот простор може да им се даде на политичките партии во Парламентот што на последните избори за пратеници не освоиле доволно пратеници да формираат пратеничка група и најмногу 3 проценти од рекламниот простор може да им се даде на политичките партии што не се застапени во Собранието.
Работната група, на последната седница, не го отворила прашањето за промената на изборниот модел – од шест во само една изборна единица. На претходните средби, членовите на групата договорија десетина измени врз основа на барањата на ОБСЕ и ОДИХР. И на оваа седница не присуствуваа членовите од редот на опозицискиот СДСМ, кои ја напуштија работата поради неодамнешното укинување на пржинската влада од страна во Собранието. (Б. Ѓ.)












