сабота, јуни 20, 2026
Дома СВЕТ Воено профитерство без граници: Корупција при регрутирање војници во Украина тешка милиони...

Воено профитерство без граници: Корупција при регрутирање војници во Украина тешка милиони евра, запленети возила и мотоцикли

209
EPA/María Senovilla

По воведувањето вонредна состојба и општа мобилизација поради руската инвазија, сите мажи на возраст меѓу 25 и 60 години се предмет на евентуален повик за служба. Во овој контекст, канцелариите за регрутирање веќе беа цел на обвинувања за малтретирање на граѓаните, злоупотреба на овластувањата, корупција и други неправилности. Украинскиот омбудсман, Дмитро Лубинец, изјави дека во 2025 година примил дури 6.127 жалби поврзани со можни злоупотреби од страна на службениците за регрутирање

 

Украинската национална полиција спроведе обемни претреси меѓу вработените во канцелариите за регрутирање низ целата земја, при што беше откриено нелегално збогатување во износ од околу 92 милиони гривни (околу 1,85 милиони евра), се вели во соопштението објавено на 4 мај.

Овие претреси се дел од поширока кампања на засилени истраги што украинските институции ги спроведуваат оваа година, а се насочени кон корупција и неправилности во системот за регрутирање. Јавноста долго време ја критикуваше работата на тие канцеларии, па затоа властите се обидуваат да покажат решителност во сузбивањето на злоупотребите, пишува „Киев индепендент“. Како дел од истрагата, полицијата спроведе дури 44 претреси во 16 украински региони, вклучувајќи ги сегашните и поранешните високи функционери во канцелариите за регрутација. Во последните неколку дена беа издадени повеќе од 150 прекршочни наредби поврзани со корупција.

Според сомневањата на истражителите, осомничените ги користеле своите службени позиции за да стекнат нелегална финансиска корист. Вкупниот износ на непријавено богатство и неточни картички за имот достигнува речиси 92 милиони гривни (околу 1,85 милиони евра), се вели во соопштението за медиумите. Посебно се издвојува случајот на еден раководител на окружната канцеларија за регрутирање во Одеса, кој, според полицијата, нелегално стекнал имот вреден повеќе од 45 милиони гривни (околу 945 илјади евра). Двајца други осомничени наводно се збогатиле за дополнителни 10 милиони (околу 210 илјади евра) и 6,6 милиони гривни (околу 140 илјади евра) додека работеле во системот за време на вонредната состојба. За време на претресите, запленети се бројни автомобили, вклучувајќи возила „тесла“, мотоцикли, како и документација и готовина во домашна и странска валута. Истрагата е сè уште во тек, а надлежните органи продолжуваат да собираат докази со цел да поднесат официјални обвиненија против осомничените.

– Овие истраги се насочени не само кон откривање поединечни случаи на корупција, туку и кон систематско елиминирање на злоупотребите во секторот за регрутирање и социјална поддршка. Целта е да се врати довербата во институциите кои играат клучна улога за државата во воени услови, велат од полицијата.

По воведувањето вонредна состојба и општа мобилизација поради руската инвазија, сите мажи на возраст меѓу 25 и 60 години се предмет на евентуален повик за служба. Во овој контекст, канцелариите за регрутирање веќе беа цел на обвинувања за малтретирање на граѓаните, злоупотреба на овластувањата, корупција и други неправилности. Украинскиот омбудсман за човекови права, Дмитро Лубинец, на седница на парламентот на 9 февруари, изјави дека во 2025 година примил дури 6.127 жалби поврзани со можни злоупотреби од страна на службениците за регрутирање. Украинските власти сè повеќе предупредуваат дека реформите во системот за мобилизација би можеле да вклучуваат тешки и непопуларни одлуки, додека земјата се стреми да ги одржи своите одбранбени капацитети во војната против Русија.

 

ИЗДВОЕНИ