Синдикатите и власта се со различни пресметки за синдикалната кошница. Според премиерот Христијан Мицкоски, се манипулира при пресметката на кошничката и сумата за храна и пијалаци е за 3.000 денари помала од онаа на синдикалната кошничка. Владата и работодавците не ја признаваат кошничката на Синдикатот и најавија дека ќе креираат нова. Како што изјави претседателката на Организацијата на работодавачи, Владанка Трајкоска, телото што ќе ја дефинира официјалната потрошувачка кошница, најверојатно, ќе се формира на следната седница на ЕСС.
– Се дискутираше за минималната синдикална кошничка, но се официјализираше дека ќе има официјална потрошувачка кошница што ќе ја креираат. Сметаме дека ќе биде официјална и институционална, дека ќе ги дефинира сите точки и ќе ги земе предвид сите потрошувачки елементи релевантни за една кошничка. Сите се стремиме кон ЕУ и она што го истражувавме беше дека ЕК нема директива за потрошувачката кошница. Секоја држава во регионот и ЕУ има и синдикална кошница и кошница што ја формираат институциите и тие се разликуваат драстично, синдикалните се дури двапати поголеми. Тоа се политички одлуки и елементи што ги користи Синдикатот за свои придобивки и тоа е негов метод за вршење притисок – изјави Трајкоска по седницата.
Премиерот Христијан Мицкоски, пак, пресмета дека сумата за храна и за пијалаци е за 3.000 денари помала од онаа на синдикалната кошничка.
– Дали сте ја виделе методологијата за минималната синдикална кошничка? Ќе ви дадам одговор ако не сте ја виделе. Јас во мојот живот не сум јадел лубеница и цреши во јануари, не знам за вас во СДСМ, можеби ви е вообичаена практика. Тоа е дел од методологијата за пресметка на минималната потрошувачка кошничка, која е со цени од неколку маркети, кои се познати во јавноста како ексклузивни, без да биде пресметана просечната цена. А ја пресметуваат: Никола Попоски, поранешен потпретседател на СДС; Драган Тевдовски, поранешен министер за финансии од СДСМ и Бранимир Јовановиќ, кој беше дел од Левица, па отиде советник кај Тевдовски. Овие тројца ја пресметуваат минималната потрошувачка кошничка. Отидов во неколку маркети и ги извадив неколкуте производи од потрошувачката кошничка и констатирав дека само за храна и за пијалаци 3.000 денари е помала сумата од оние што се декларирани во минималната синдикална кошничка, односно 15 проценти помалку – рече Мицкоски.
На социјалните медиуми, пак, се шири нов повик за бојкот на маркетите. Бојкотот се однесува на два големи маркети каде што цените се повисоки во однос на другите маркети. За в петок повторно се најавува бојкот на сите големи синџири маркети и тој е насловен „Црн петок“ за маркетите.
Според податоците на Управата за јавни приходи, осумте најголеми трговски синџири забележале пад на прометот за 46,59 % во споредба со минатиот петок, а за 46,29 % во однос на четвртокот.
Проценките се дека над 100 илјади купувачи учествувале во бојкотот, бидејќи УЈП преброја над 170 илјади помалку фискални сметки.
Граѓаните велат дека е крајно време да му се каже „не“ на профитирањето врз грбот на граѓаните и повикуваат во овие денови да се купува од малите трговци, со цел да се изврши притисок за намалување на цените на храната.
Бојкотот за воздржување од купување во големите маркети беше поттикнат од Хрватска, а за кратко време се прошири низ речици сите поранешни ју- републики.
(А.С.)