вторник, ноември 17, 2026
Дома КУЛТУРА Во МСУ изложба за односот на човекот кон водата

Во МСУ изложба за односот на човекот кон водата

1

Во Музејот на современата уметност – Скопје е поставена меѓународната групна изложба „Жени, животни, постколонијалци, бактерии, други и вознемирените води“. Посетителите ќе може да ја видат изложбата до 21 март 2027 година. Таа обединува уметнички практики од различни географски, културни и историски контексти, отворајќи прашања за еколошката криза, општествената нееднаквост, капиталистичката експлоатација и за односот на човекот кон природата.

Во фокусот е водата како заеднички и животен ресурс, но и како простор на еколошка, општествена и политичка борба. Преку уметнички дела, изложбата ги истражува приватизацијата, загадувањето и прекумерната експлоатација на водата, поврзувајќи ги овие процеси со пошироките прашања за моќта, одговорноста и за колективната грижа.

На изложбата ќе бидат претставени дела на Урсула Биман (Швајцарија), Каролина Кајседо (Обединето Кралство, САД и Порторико), Верица Ковачевска (Македонија и Швајцарија), Минерва Куевас (Мексико), Ивана Мирчевска (Македонија), Даринка Поп Митиќ (Србија) и на Робертина Шебјаниќ (Словенија), како и дела од колекцијата на МСУ, од уметничките Кате Антипа, Алесандра Бонели, Тоња Дендрино Николаидис, Катја Евтимова, Ен Мекол и Анета Светиева.

Преку видео, инсталации, звук, мурали и истражувачки практики, авторките ги обработуваат темите на хидроелектричната експлоатација, приватизацијата на јавните ресурси, климатските промени, загадувањето на морските екосистеми и иднината на водните пејзажи.

Изложбата тргнува од идејата дека водата не е само природен ресурс туку и основа на меѓусебната поврзаност на сите живи суштества. Потпирајќи се на постхуманистичките и екофеминистичките перспективи, таа повикува на надминување на хиерархијата меѓу луѓето и природата и на создавање нови облици на заедничка одговорност и грижа.

Изложбениот дизајн е на Димитар Милев, во соработка со кураторката Ивана Васева, а дизајн-соработничка е Илиана Петрушевска.

ИЗДВОЕНИ