недела, јули 12, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Во координирана акција на ЦУК и МВР, кај Матка е успешно пронајден...

Во координирана акција на ЦУК и МВР, кај Матка е успешно пронајден изгубен романски државјанин

0

Романски државјанин кој се изгубил на подрачјето на кањонот Матка е успешно пронајден во координирана спасувачка акција што ја спроведоа припадници на Министерството за внатрешни работи и Центарот за управување со кризи.

Потрагата започнала откако туристот пријавил дека се наоѓа на непристапен терен и не може самостојно да се врати на безбедно место. Поради темнината и сложената конфигурација на теренот, веднаш биле активирани спасувачки екипи кои ја координирале акцијата на терен.

По неколкучасовна потрага, спасувачите успеале да го лоцираат романскиот турист, кој бил пронајден во добра здравствена состојба. По укажаната помош, тој бил безбедно извлечен од непристапниот предел и пренесен на сигурна локација.

Од Центарот за управување со кризи апелираат до посетителите на Матка и другите планински и рекреативни подрачја пред поаѓање да ја планираат маршрутата, да користат обележани патеки, да носат наполнет мобилен телефон и да избегнуваат движење по непознат терен во доцните вечерни часови.

Кањонот Матка е една од најпосетуваните туристички дестинации во земјата, но спасувачките служби потсетуваат дека и покрај неговата популарност, дел од патеките се стрмни и тешко пристапни, особено за посетители кои не го познаваат теренот.

ИЗДВОЕНИ