Македонскиот уметник Синиша Кашавелски го освои првото место на престижниот меѓународен конкурс Progressus Art Awards 2026, во рамките на Contest 12 – Contemporary Art (Edition II), со монументалното дело „Simulatrix“. Во конкуренција на речиси 1.300 уметнички дела од целиот свет, неговото ремек-дело ја освои престижната висока награда во Европа.
Награденото дело, изработено во техника масло на платно, со димензии 250 × 160 сантиметри, беше избрано како најдобро меѓу голем број современи уметници од различни земји, потврдувајќи ја неговата висока уметничка вредност и оригиналност.
„За мене ова признание претставува голема чест и значаен момент во мојот творечки пат. Искрено им благодарам на жирито и на целиот тим на Progressus Art Awards за довербата и за укажаната чест моето дело да биде избрано за најдобро во ова издание на конкурсот“, истакна авторот по повод добиената награда.
Тој нагласува дека признанието претставува дополнителен поттик за понатамошно истражување на симболизмот, наративното сликарство и дијалогот меѓу класичната сликарска техника и современите концепти.
Воедно, авторот им упати честитки на сите финалисти и добитници на награди, истакнувајќи дека токму квалитетот и разновидноста на изложените дела го направиле конкурсот исклучително значаен на меѓународната современа уметничка сцена.
Со оваа прва награда, делото „Simulatrix“ добива уште едно значајно меѓународно признание, а успехот претставува нова потврда за континуираното присуство и афирмација на македонската современа уметност на светската сцена.
-Ова уметничко дело претставува извонредно достигнување во уметничката извонредност, кое се одликува со својата оригиналност, техничко мајсторство и привлечна креативна визија. Меѓу исклучителната колекција на пријавени дела, тоа го освои жирито преку својата длабочина, иновативност и моќен уметнички израз, заработувајќи го највисокото признание на ова издание. Оваа награда го слави не само извонредниот квалитет на вашето уметничко дело, туку и посветеноста, имагинацијата и автентичноста што ја дефинираат вашата уметничка практика. Вашето достигнување претставува инспиративен пример за трансформативната моќ на современата уметност и нејзината способност да нè движи, предизвикува и поврзува. Ни претставува голема чест да го препознаеме вашето извонредно достигнување и искрено ви благодариме што го споделивте вашиот исклучителен талент со заедницата на наградите „Прогресус Арт“, велат организаторите на конкурсот во пораката упатена кон уметникот.












