Во Кавадарци се одржа обука за гасначи на шумски пожари, во организација на Секторот за заштита, надзор и внатрешна контрола на ЈП „Национални шуми“. На практичниот дел од обуката присуствуваа 74 вработени од 17 подружници, со специјални теренски возила за гаснење шумски пожари, опремени со алати за гаснење, грбни прскалки, како и цистерна и специјално возило за гаснење шумски пожари.
Практичниот дел се одржа на висорамнината Витачево, Кавадаречко, а раководителот на подружницата, Боге Сокаровски, ги извести сите релевантни институции што беа задолжени за безбедноста на настанот. На терен беа присутни претставници на МВР, Граничната полиција, Шумската полиција и на Брзате помош, кои се грижеа настанот да помине во најдобар ред, како и од Фронтекс (Европската агенција за гранична и крајбрежна стража) како поддржувач.
Обуката опфати познавање на алатот и на опремата, нивното користење, како и техники и тактики за локализирање на шумските пожари. Во практичната показна вежба учествуваа вработените од подружниците Караџица од Скопје, Равна Река од Пехчево, Бор од Кавадарци и Стогово од Дебар и притоа се вежбаа техники и тактики и употреба на алат при гаснење пожар настанат на ледина и директно во шума. Вработените во подружниците извршија показна вежба гаснење симултан пожар со специјални пумпи за пожари, при што беше проверена исправноста на пумпите и извршено тестирање на специјалните возила.