Општина Делчево почнува постапка за изработка на сообраќајна студија со идеен сообраќаен проект и анализа за можностите за воведување зонско паркирање на подрачјето на градот.
Градоначалникот Иван Гоцевски го потпиша договорот со претставниците на фирмата „24 ИНГ“ ДООЕЛ увоз-извоз Битола, избрана како најповолен понудувач во постапката за јавна набавка за изработка на сообраќајна студија со идеен сообраќаен проект и анализа, за воведување зонско паркирање на подрачјето на Делчево.
Сообраќајна студија треба да даде стручна анализа и предлог-решенија за организација на паркирањето, можностите за воведување зонско паркирање и за подобрување на сообраќајниот режим во централното градско подрачје и треба да содржи идеен сообраќаен проект и анализа за воведување зонско паркирање за да се утврдат најсоодветните решенија согласно со реалните потреби и услови во градот.
Рокот за извршување на услугата е 12 месеци, а вредноста на договорот за изработка на студија е 600.000 денари, без вклучен ДДВ.
– Со почнувањето на оваа постапка, Општина Делчево прави чекор кон уредување на режимот на паркирање и подобрување на сообраќајната организација во градот, при што конечните решенија ќе се темелат на стручната анализа и на изработената проектна документација – велат од локалната самоуправа.
Градоначалникот Гоцевски истакна дека целта на овој договор е едноставна: Делчево да добие соодветна студија што ќе понуди решенија за подобро искористување на ограничениот простор во централното градско подрачје. Делчево да има поуреден побезбеден и пофункционален сообраќај, со решенија што одговараат на реалните потреби на градот и на граѓаните. Уреденото паркирање е дел од уреден град, без метеж по улиците, со поголема безбедност за сите учесници во сообраќајот.












