Силите на НАТО започнаа двонеделни воени маневри во Балтичкото Море во четврток, а првите воени бродови утрово испловија од Росток, пристаниште во североисточна Германија.
Меѓу бродовите што испловуваат од поморската база Росток-Варнемунде се германската корвета „Магдебург“ и францускиот миноловец „Вулкан“.
Во годинешната вежба BALTOPS, што традиционално се одржува под водство на САД, учествуваат над 50 пловни објекти, повеќе од 25 воздухоплови и околу 9.000 војници од 17 држави-членки на НАТО.
Вежбата ќе трае до 20 јуни.
Балтичкото Море се смета за стратешки важен регион, особено во контекст на руската воена агресија врз Украина. Од деветте држави што имаат излез на ова море, единствено Русија не е членка на НАТО.
Официјална Москва вежбата ја оцени како провокација. Заменикот министер за надворешни работи на Русија, Александар Грушко, претходно обвини дека со својата редовна годишна вежба BALTOPS, НАТО се подготвува за евентуален вооружен судир со Русија.
Во изминатиот период и руската морнарица одржа сопствени маневри во Балтичкото Море.