Дали МПЦ-ОА е автокефална црква или не, трошат ли некои владици многу пари, дали нејзините достоинственици ги избирале политичарите, време ли е некои владици да се пензионираат и да се заменат со други, потребни ли се нови епархии и кој да заседне во нив, служат ли во црковните редови и расчистени свештеници, се почитуваат ли, воопшто, одлуките на Синодот… Сето ова се прашања кои во последново време се наталожија во најтесниот раководен врв на МПЦ-ОА, а кои почнаа да се расплеткуваат на синодската седница што почна денеска. Како што е најавено, јавноста ќе биде информирана за заклучоците на седницата со писмено соопштение.
Проблемите во односите меѓу македонските владици, кои досега спорадично се појавуваа, деновиве интензивно излегоа на површина по серија интервјуа кои, деновиве, за неколку медиуми, ги даде преспанско-пелагонискиот владика Петар, кој неодамна се повлече од администрирањето со едната од двете епархии во Австралија. Овој осумдесетгодишен владика со најдолг стаж во црковните редови, во јавните настапи упати бројни обвинувања за постоењето на нелегалните дејства во црковните редови, при што, со прстот посочуваше на повеќе други колеги од Светиот синод. Дел од достоинствениците што тој ги посочи дека прават бројни прекршувања на црковните канони деновиве ги одбиваа новинарските барања за коментар на обвинувањата на владиката Петар против нив. Но, прашање е дали без нивниот одговор ќе помине и самата седница, на која ќе се соочат со митрополитот кој ги обвини за непочитување на црковното устројство.
Инаку, на денешната седница, владиците мора да побараат решение за три помали епархии во земјава со која раководат поранешни достоинственици на ПОА – митрополитот Јован и епископите Марко и Јоаникиј. Според нив, малите епархии се неодржливи и тие немаат средства за егзистирање. Оттаму, пред Синодот се две решенија: да бидат територијално проширени или, пак, да им се дава месечна парична помош. Но, митрополитот Петар ги обвини за недомаќинско работење и за бројни други нешта. Тој најави дека едно од првите барања ќе му биде и пензионирањето, односно, повлекувањето на митрополитот Јован Вранишкоски од функцијата поради влошената здравствена состојба.
– Како може Јован Вранишкоски само лани да потроши 50.000 евра кога нема имот на свое име. Од каде му се тие пари. Како владиката Марко патува по Европа и на Малта кога јас, како владика со 45-годишен стаж, не можам да си дозволам таков луксуз. Таму не се оди без пари. Па дури и дава изјави дека не сме автокефална црква. Освен тоа, откако ПОА се вклучи во редовите на МПЦ-ОА, тие не го припишаа тој имот на наша Црква, а тоа мора да се направи. Прашањето на нашата автокефалност е затворено. Ние сме ги исполниле десетте услови предвидени на конференцијата во Шанбези. Проблемот настана околу ставовите на Цариградската патријаршија, која сега шири ново учење „прв без еднаквите“ – нагласи владиката Петар.
Епископот делчевско-каменички, Марко, денеска, во изјавата за весникот ВЕЧЕР, категорично ги отфрли ваквите обвинувања на својот синодски колега.
– Секој си има право на свое мислење, па и владиката Петар. Но, за овие прашања е најцелисходно да се зборува на синодската седница. Јас на Малта сум бил на покана на српскиот владика Андреј, како гостин. Кога сте гостин, тогаш не трошите свои пари. Ќе одев по наши црковни општини и во други европски земји доколку ме поканат. А што се однесува до моите изјави за нашата автокефалност, мојот став е следен: Томосот што ни го доделила СПЦ не е прифатен од сите православни цркви. Значи, потребна е доработка на тој томос во билатерални контакти со други цркви за да го прифатат. Тоа дека на томосот на СПЦ му треба доработка, впрочем, пишува и во самиот томос – наведува епископот Марко за весникот ВЕЧЕР.
Владиката Петар имаше и обвинувања и кон викарниот епископ Стобиски Јаков, кој дејствува во Струмичката епархија, за кого тврди дека во 2018 година бил избран за владика под притисок на власта
– Кај нас досега имало случаи кога епископи се избрани ад хок на самата седница, под притисок на власта. Таков е случајот со викарниот епископ на Струмичката епархија. Предлогот беше даден на самата седница – изјави митрополитот Петар, без да објасни од чија стана бил вршен притисокот, додавајќи дека „имало и други владици кои не ја поминале процедурата“.
Епископот Јаков денеска ни одговори дека „не би сакал“ да ги коментира ваквите изјави на владиката Петар.
Неодамна, митрополитот Петар го обвини и европскиот митрополит Пимен дека е „лажен владика и дека треба да си оди од црквата“ по признанието дека бил „излажан“ околу граѓанскиот референдум за прифаќање на Преспанскиот договор со Грција. Преспанско-пелагонискиот владика побара и поделба на Европската епархија на три дела бидејќи владиката Пимен не ја вршел својата должност како што треба. И европскиот митрополит не сакаше да ги коментира овие тврдења. Поделбата и создавањето на нови епархии во редовите на МПЦ-ОА секогаш ги актуализира внатресинодските игри околу фаворизирањето на некои од кандидатите од страна на членовите во Синодот.
Прашањето е и каков став ќе заземе Синодот кон тврдењата на владиката Петар дека дел од владиците сослужуваат со расчинети свештеници и посебно со архимандритот Гаврил Галев. Одлуките за нивно расчинување биле донесени отпорано, но повеќе синодски достоинственици имале поинакви ставови околу тоа дали таквите одлуки донесени во периодот кога владиката Петар администрирал во Австралија, треба и да се прифатат. Освен ова, негово барање е македонските црковни општини, кои сега ѝ припаѓаат на втората Австралиско-сиднејската епархија, да бидат под црковна управа, а не под компании со кои управуваат граѓански лица. На неодамнешната седница на Австралиско-новозеландската епархија од чиј трон се повлече администраторот Петар, беше побарано Светиот синод на МПЦ-ОА, во рок од шест месеци, да донeсе одлука со која повторно ќе се извршат верските обреди на крштавања, венчавки и опела во втората епархија бидејќи биле извршувани од осудени и расчинети свештеници. (Б. Ѓ.)












