сабота, јули 11, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА  Пораки од Охрид до Брисел – реформи ДА, идентитетски отстапки НЕ!   

 Пораки од Охрид до Брисел – реформи ДА, идентитетски отстапки НЕ!   

2185

Премиерот Христијан Мицкоски порача дека Владата нема да прифати нови отстапки во однос на националните и идентитетските прашања, без разлика на цената. Тој истакна дека Македонија останува цврсто посветена на членството во ЕУ, но дека процесот е оптоварен со билатерални блокади и со непринципиелни условувања. Хрватскиот премиер, Андреј Пленковиќ, оцени дека земјава бележи напредок, но предупреди дека спорот со Бугарија и понатаму е главна пречка. Пленковиќ порача дека „не може да има кратенки за едни, а бавност за други“ во процесот на проширување на ЕУ. Двајцата премиери, во Охрид, потпишаа договор за стратешка соработка и најавија продлабочување на партнерството во повеќе области

ПОВЕЌЕ ОД ДИПЛОМАТСКИ АКТ – ПОТПИС ЗА СТРАТЕШКО ПАРТНЕРСТВО МЕЃУ МАКЕДОНИЈА И ХРВАТСКА

 

Нема повеќе можности за идентитетски отстапки и чекор назад во однос на нашите национални одредници, колкава и да е цената што треба да ја платиме, оваа Влада е подготвена да ја плати, порача македонскиот премиер, Христијан Мицкоски, по средбата со својот хрватски колега, Андреј Пленковиќ, кој престојуваше во официјална посета на Македонија. Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање во однос на можноста за придвижување на евроинтегративниот пат без уставни измени, посочи дека е јасна стратешката определба за членство во Европската Унија, а Владата се фокусира на испораката дома и на реформската агенда. Евроинтергативниот процес, рече Мицкоски, не е само надворешнополитичка цел туку и институционално созревање, владеење на правото, економски развој, модернизација и создавање подобри услови за живот за граѓаните.

– Нашиот пат кон ЕУ, за жал, е исполнет со непринципиелни блокади, поради што се доведува во прашање интегритетот на самиот процес. Но, сакаме да веруваме во Европа – во вредностите, принципите и Европа што препознава реформи, посветеност и резултати. Нашата стратешка цел е да бидеме дел од Европската Унија и тој пат го почнавме пред 26 години со потпишување на Договорот за стабилизација и асоцијација. Заедно со Република Хрватска го добивме статусот кандидати, заедно со Република Хрватска од страна на таа ЕК во 2009 го добивме позитивниот извештај за да почнеме преговори. За жал, нашиот пат тука отиде во друга насока. Нашиот пат тука, во рамките на ЕУ, се претвори во билатерализација на тој процес. Позначајни беа билатералните прашања отколку објективните Копенхашки критериуми и мерит базираното приклучување кон ЕУ, што кај нас, како македонски граѓани, создаде многу фрустрации, бидејќи цениме дека многу одамна го заслуживме нашето место во рамките на тоа семејство. Повторно, сега, имаме уште едно такво барање. За жал, тоа го прифати претходната Влада, мислејќи дека ако добијат бел лист на маса и го потпишат истиот, ќе останат да бидат влада и во иднина. Не успевајќи да испорачаат дома, обременети со криминал и корупција и на тој начин не сфатија дека дополнително го отежнуваа процесот на интеграција на државата во рамките на ЕУ. Нашата стратегија, како Влада, е поинаква – рече премиерот Мицкоски и изрази благодарност до Хрватска за поддршката.

Мицкоски посочи дека во однос на реформската агенда што е дел од Планот за раст, во јануарскиот извештај на ЕК ние сме вистинските фронтранери и најголем дел од средствата што ги дава ЕК ќе бидат исплатени кон нашата Влада, втора е Албанија, а трета е Црна Гора.

– Очекуваме оваа динамика да биде и со следниот полугодишен извештај. Нашата стратегија е да ги завршиме реформите дома, бидејќи тие ни требаат нам. Втора работа што, исто така, сме спремни да ја испорачаме тоа е Акцискиот план за малцинства што го работевме заедно со Брисел и експерти препорачани од ЕК. Тој е готов и чекаме зелен сигнал од Брисел да помине на владина седница. Ние го испорачуваме тоа што го зборуваме – рече Мицкоски.

Не може да има кратенки за едни, а бавност за други

Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ оцени дека земјава бележи напредок во исполнувањето на критериумите за членство во ЕУ, но нагласи дека спорот со Бугарија останува главна пречка на евроинтегративниот пат. Пленковиќ посочи дека, по изборите во Бугарија, се очекуваат првите конкретни чекори во дијалогот.

– Бугарија имаше избори. Имаме стар претседател и нов премиер, господинот Радев, па ги очекуваме првите контакти, првите чекори што ќе ги направите на тоа ниво. Го следиме дијалогот што го имавте на министерско ниво и ќе настојуваме да ви помогнеме да се премостат пречките што постојат во тој процес – рече Пленковиќ.

Осврнувајќи се на иницијативата на германскиот канцелар, Фридрих Мерц, за нов модел на проширување на ЕУ, тој посочи дека фокусот е ставен на Украина, но предупреди дека не смее да има селективен пристап кон земјите кандидати.

– Позицијата на Хрватска е многу јасна цело време. Ако се откажеме од концепцијата на таканаречените индивидуални заслуги за секоја земја посебно, ако се прават некакви кратенки, односно пократки патишта или ако се трансформира перспективата за членство – во овој случај најмногу за Украина – во нешто што повеќе личи на статусот што го имаат земјите што го склучиле таканаречениот европски економски договор или нешто што порано го имаше ЕФТА, но, сепак, со подигнато институционално учество, тогаш мораме да гледаме како се однесува тоа и на сите други. Значи, не може да има кратенки за едни, а бавност за други – порача хрватскиот премиер.

Пленковиќ најави дека за можните решенија и за идниот модел на проширување ќе се разговара на претстојните самити во Црна Гора и во Брисел, со фокус на влијанието врз буџетот и клучните политики на Европската Унија.

Хрватскиот премиер, Пленковиќ, истакна дека Хрватска е силен и конзистентен поддржувач на земјава на патот кон ЕУ и дека овие прашања за менување на Уставот и барањата на Бугарија се многу важни и потези со далекосежно влијание.

– Во последните 25 години, за неправдата врз Македонија нема никакво оправдување, за патот на земјата. И тоа како го ценам ентузијазмот за членство во ЕУ и покрај сите обиди и блокади, кои се неблагодарни. Ве поддржуваме од првиот ден. Се сеќавам на почетокот од 2000-тите години, кога Хрватска беше чекор зад вас. Денес сме веќе 13 години членка на Европската Унија. Нема подобар пример за тоа колку е неправедна сегашната ситуација и колку е важно да се деблокираат процесите и да се направат клучни чекори кон членството. Ќе настојуваме да ви помогнеме. Верувам дека заеднички ќе можеме да ги одблокираме тие процеси – рече Пленковиќ.

Пријателство што се градело со години

Во воведното обраќање, премиерот Мицкоски посочи дека посетата на хрватската делегација на чело со Пленковиќ има особено значење за двете држави, затоа што таа не претставува само дипломатска средба меѓу две влади туку и потврда на едно пријателство што се градело со години, на односи засновани врз заемна почит, разбирање, соработка и искрена поддршка.

– Република Хрватска е наш близок партнер, пријателска земја и сојузник во НАТО. Земја со која делиме многу заеднички интереси, слични регионални предизвици, но и заедничка визија за стабилен, безбеден, развоен и европски Западен Балкан. Со премиерот Пленковиќ денес имавме исклучително отворен, конструктивен и пријателски разговор за повеќе прашања од заеднички интерес. Разговаравме за билатералната соработка, за економските односи, инвестициите, инфраструктурното поврзување, енергетиката, европските интеграции, регионалната безбедност, како и за актуелните геополитички случувања, кои влијаат врз целиот европски простор – рече Мицкоски и додаде дека, како НАТО-сојузници, разговарале и за безбедносните предизвици со кои се соочуваат Европа и регионот.

– Во време на неизвесност, на воени конфликти, сајбер закани, миграциски притисоци и хибридни ризици, потребни се силни партнерства, координација и заеднички одговори. Остануваме посветени на зајакнувањето на регионалната стабилност, евроатлантската безбедност и мирот – истакна македонскиот премиер.

Потпишан договор за стратешка соработка

Мицкоски и Пленковиќ потпишаа договор за стратешка соработка помеѓу двете земји, што претставува нова етапа во билатералните односи. Исто така, беше потпишан и договор за соработка меѓу Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и хрватското Министерство за економија.

На прес-конференцијата по потпишувањето на договорите, двајцата премиери истакнаа дека со нив се продлабочуваат и онака добрите и пријателски односи меѓу двете земји.

– Особено сме задоволни што ја подигнуваме нашата соработка на повисоко ниво преку потпишување на договорот за стратешка соработка помеѓу двете влади. Овој договор е повеќе од дипломатски акт. Тој претставува рамка за долгорочно партнерство и јасна стратешка определба за продлабочување на нашите односи во области што се од суштинско значење за иднината на двете држави – рече Мицкоски и најави дека двете земји ќе работат на развој на конкретни иницијативи и проекти во транспортот, енергетиката, информатичките технологии, индустријата, производството, здравството, образованието, јавната безбедност, цивилната заштита, одбраната, сајбер безбедноста и управувањето со границите.

Мицкоски порача дека оваа соработка нема да остане само на ниво на политички декларации, туку планира таа да донесе реални резултати, нови инвестиции, повеќе економски можности, нови работни места, поголема институционална подготвеност и подобар животен стандард за граѓаните.

Хрватскиот премиер, пак, ги истакна добрите економски односи меѓу двете земји, за кои рече дека постепено достигнуваат ниво од речиси 350 милиони евра годишна размена, што смета дека е добра основа што треба дополнително да се зајакнува.

– Го поздравувам потпишувањето на овој договор за стратешка соработка, кој е плод на меѓусебната доверба и на односите што ги имаме меѓу двете пријателски земји и двата народи. Особено го цениме добриот третман на Хрватите во Македонија, како и третманот на македонското малцинство во Хрватска. Се радуваме на унапредувањето на таа соработка и ќе продолжиме да ги поддржуваме програмите поврзани со македонското малцинство во Хрватска, исто како што ја цениме грижата за Хрватите во Македонија – рече Пленковиќ.

Во врска со потпишаниот договор за соработка во областа на енергетиката, тој рече дека се работи за една од најважните теми не само за двете земји туку и за целата Европска Унија.

– Во последните години поминавме низ неколку големи кризи и настојувавме да обезбедиме сигурност во снабдувањето со енергија, како и прифатливи цени, што се темел на нашите економии. Верувам дека оваа соработка ќе овозможи дополнителен напредок и во тој сектор. Особено ми е драго што разговаравме и за соработката во транспортот. Двете земји се наоѓаат на важни трансевропски транспортни коридори, а тоа е особено важно за вас – рече Пленковиќ и ја потенцира добрата соработка во областите на туризмот, одбраната и дигиталната трансформација.

Пред потпишувањето, двајцата премиери, во Охрид, одржаа тет-а-тет средба, а потоа им се придружија на делегациите на владина билатерална средба. Претходно, со свечена церемонија премиерот Мицкоски го пречека хрватскиот колега, Пленковиќ, на охридскиот аеродром „Свети апостол Павле“.

Официјалната посета на хрватската делегација на земјава беше заокружена со средба меѓу сопственици на компании од двете држави, од која премиерите очекуваа да произлезат иницијативи за понатамошна и конкретна деловна соработка. (В. С. Н.)

ИЗДВОЕНИ