МЕМО одржа онлајн работилница за воведување негативни цени на пазарот на електрична енергија, со цел учесниците навремено да се подготват за примената на овој нов пазарен механизам. На работилницата учествуваа претставници на компании кои активно учествуваат на пазарот, а беа презентирани оперативните аспекти на имплементацијата во трговските платформи MATS и M7.
Примената на негативните цени на македонскиот пазар на електрична енергија започнува на 19 ноември 2026 година, што претставува значаен чекор кон усогласување со европските стандарди и практики. Во рамките на настанот беа разгледани претстојните промени на ценовниот праг, регулаторните, техничките и оперативните барања, како и практичните аспекти на примената на негативните цени. Посебно внимание беше посветено на тестирањето на системите и процесите, како и на обврските на учесниците за успешно приспособување кон новите услови.
Од МЕМО посочуваат дека новиот механизам ќе отвори можности за поефикасно искористување на електричната енергија, поголема флексибилност и подобро управување со производството и потрошувачката. Со оваа иницијатива, МЕМО продолжува со активностите за модернизација на организираниот пазар и негово постепено интегрирање во европскиот енергетски пазар. Воведувањето негативни цени се очекува да придонесе за поконкурентен и пофлексибилен енергетски систем.












