Плановите на новата Влада за буџетските трошоци стигнаа во Собрание. Буџетот за 2025 година сега е пред пратениците, кои треба да ги разгледаат детално плановите на Владата за приливите и трошењето на државата за следната година. Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска ветува реална реализација на парите за капитални инвестиции. За СДСМ Предлог-буџетот за наредната година е нереален, неразвоен и недомаќински, скроен да ги задоволи само предизборните активности и затоа, како што нагласи лидерот на оваа партија, Венко Филипче, нема да го гласаат, ама ќе поднесат над 200 амандмани. Анализирајќи го предлог-буџетот, од ДУИ вчера нагласија дека не констатирале карактеристики или атрибути на развоен и демократски буџет. Додека за економскиот аналитичар, Синиша Пекевски, предлог-буџетот за 2025 година е социјален и заснован на желбата на Владата на локалните избори да го повтори позитивниот изборен резултат од парламентарните 

 

Плановите на новата Влада за буџетските трошоци стигнаа во Собрание. Буџетот за 2025 година сега е пред пратениците, кои треба да ги разгледаат детално плановите на Владата за приливите и трошењето на државата за следната година.

Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска ветува реална реализација на парите за капитални инвестиции. Таа Предлог-буџетот го оценува како развоен и за следната година посочи на очекувањата за реализација на предвидените капитални проекти, како патните правци од Коридорите 8 и 10д, за кои се одвоени 12 милијарди денари, потоа реализацијата на општинските проекти, како и проекти кои се финансираат од меѓународни финансиски институции, а кај кои имало застој.

Таа посочува дека нема да има трансфери кон ЕСМ и дека нема да има проблеми со снабдувањето со електрична енергија и дека со Предлог-буџетот за 2025 година се обезбедени средства за раст на платите во образованието, здравството, како и во администрацијата согласно со потпишани колективни договори.

Со вака скроената државна каса не се согласуваат двете големи опозициски партии СДСМ и ДУИ. За СДСМ Предлог-буџетот за наредната година е нереален, неразвоен и недомаќински, скроен да ги задоволи само предизборните активности и затоа, како што нагласи лидерот на оваа партија, Венко Филипче, нема да го гласаат. Додека, пак, за ДУИ Владата скроила дискриминаторски буџет без етнички легитимитет.

СДСМ нема да гласа

Лидерот на СДСМ оценува дека овој буџет ќе биде генератор на нови долгови.

– Со раст на БДП од 3,7% што Владата го предвидува, а кој нема шанси да биде постигнат, овој буџет е уште еден обид за замајување на јавноста. Проекциите на Народната банка и Светската банка се под овие бројки, со што станува јасно дека нема да донесат реален економски раст, туку зголемување на јавниот долг – рече Филипче.

Тој остро ја критикуваше Владата за зголемување на непродуктивните трошоци и кратење на капиталните инвестиции во клучни сектори како здравство и образование.

– Зголемувањето на средствата за стоки и услуги и договорни услуги, наспроти кратењата во клучни сектори, само потврдува дека оваа власт нема концепт за развој. Граѓаните заслужуваат повеќе вложувања во образование и здравство, а не бесмислени трошоци – рече тој.

Филипче потенцираше и дека капиталните инвестиции во предлог-буџетот покажуваат целосна безидејност. – Владата нема ниту еден сопствен проект, а капиталните проекти кои СДСМ ги започна, како коридорите на Бехтел и Енка, остануваат единствените што ќе се реализираат – изјави тој.

Филипче нагласи дека Владата не предвидела значајни средства за модернизација на енергетски капацитети, гасификација или проекти за енергетска ефикасност, а и не се грижи за долгорочен развој и остави земјоделците и малите претпријатија без соодветна поддршка.

– Ова е буџет што ги запоставува малите и средни претпријатија, кои сочинуваат околу 80% од работните места во земјата. Од 80 милиони денари, поддршката за МСП е намалена на само 18 милиони денари. Владата со ова јасно покажува дека ги фаворизира странските инвестиции на сметка на домашната економија –  додаде тој.

Филипче истакна дека СДСМ нема да гласа за ваков буџет и дека поднеле 200 амандмани кои целат кон подобрување на клучните фискални политики. – Преку овие амандмани, ние предлагаме зголемување на платите во јавниот сектор, посебно во образованието, полицијата и за пожарникарите, како и инвестиции во напредни технолошки средства за подобрување на безбедноста на граѓаните –  истакна тој.

Според амандманите, СДСМ предлага одвојување на 3.500.000.000 денари од Буџетот за следната година за зголемување на платите во јавниот сектор. Со амандман којшто се однесува на образованието, СДСМ предлага издвојување на 996.406.000 денари за зголемување на платите на наставниците од основно и средно образование. Во полицијата, со амандман СДСМ предлага покачување на платите од 20%, додека, пак, за платите на пожарникарите да се издвојат 1.000.000.000 денари во Буџетот за 2025 година.

– Нашите амандмани ќе придонесат за рамномерен и одржлив развој и ќе ја поттикнат македонската економија кон вистински напредок. Веруваме дека ова е буџет што може да одговори на реалните потреби на граѓаните, но само со конструктивни измени и зголемени капитални инвестиции – заклучи Филипче.

ДУИ: Новиот буџет има поголем дефицит од претходниот

Анализирајќи го предлог-буџетот, од ДУИ вчера нагласија дека не констатирале карактеристики или атрибути на развоен и демократски буџет.

– Имаме енормно зголемување на буџетските расходи, касата нема да се полни затоа што не се почитуваат фискалните правила со дефицит, кој сега е уште поголем од 2024. Јавниот долг уште повеќе ќе се зголеми и сето тоа покажува дека ароганцијата на функционерите ниту се скротува, ниту се контролира – велат од ДУИ.

Оттаму нагласуваат дека во предложениот буџет за 2025 година има поголеми приходи и расходи од буџетот за 2024 година, во структурата на буџетот капиталните расходи се пониски (12,6% наспроти 13,1%) и има поголем дефицит во однос на првичниот буџет за 2024.

– Со високиот буџетски дефицит, јавниот долг се зголемува на над 60% од БДП, што на крајот на оваа година се предвидува да биде 62,7% од БДП и уште поголем на крајот на 2025 година (дури и според Стратегијата за Управување со јавен долг 2025-2029, објавен во октомври 2024 година, јавниот долг ќе достигне 65,2% од БДП) – потенцираат од ДУИ.

Сепак го поздравуваат фактот што во предлог-буџетот за 2025 година е нагласено дека најголем придонес во растот за 2025 година се очекува да имаат бруто- инвестициите со пораст од 8,1%. –Тоа е главно како резултат на интензивирањето на реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, главно автопатиштата во Коридорите 8 и 10Д, проекти кои од сите партнери на оваа власт беа повеќе од критикувани дури и од албанските партнери без легитимитет – велат од оваа партија.

За проектот „Коридор 8 и 10д“ од ДУИ посочуваат дека во Предлог-буџетот има огромно намалување на средствата. – Сумата е намалена за 50%, односно од 15,1 милијарди денари на 8 милијарди денари во однос на буџетот за 2024 година – велат од партијата.

За економскиот аналитичар, Синиша Пекевски, предлог-буџетот за 2025 година е социјален и заснован на желбата на Владата на локалните избори да го повтори позитивниот изборен резултат од парламентарните избори.

– Генерално не ми се допаѓа буџетот бидејќи е повторно социјален, наместо инвестициски во силна поддршка на економијата и развој на стартап секторот. Веројатно е така за поради изборната година и желбата на Владата да го повтори резултатот од парламентарните избори и е насочена кон проекти кои ќе го овозможат тоа – вели Пекевски за весникот ВЕЧЕР.

За критиките по буџетот од страна на СДСМ, Пекевски нагласува дека оваа партија „не е во позиција и најмалку има право да коментира за годишни буџети затоа што за нивното владеење не изградија ниеден капитален објект.

– Тие ја задолжија Македонија дополнително и инвестираа во човечки потенцијал и кадри со кои ја понижија, девастираа и упропастија Македонија. Дефинитивно покажуваат дека се несериозна партија со поднесување на 200 амандмани, наместо да бидат конструктивни и да излезат со предлог решенија што ќе бидат реални и корисни. Но, затоа треба да имаат експерти кои тие како партија ги немаат – констатира Пекевски.

Пристигнуваат 52 милиони евра од ЕУ

Министерот за европски прашања Орхан Муртезани објави дека го потпишал барањето со кое Европската Унија ќе ни ја префрли првата транша од 52 милиони евра од Планот за раст на Западен Балкан.

– Го потпишав барањето за претфинансирање од 7% од Реформската агенда, со кое, според новиот европски финансиски механизам ќе ни биде дадена на располагање првата транша од 52,2 милиони евра – објави Муртезани.

Македонија во следните три години, според нашата реформска агенда од Планот за раст на ЕУ за Западен Балкан, треба да добие над 750 милиони евра.

– Остануваме посветени на ефикасното искористување на достапните средства за поддршка на европските интеграции и економскиот развој на земјата – додаде Муртезани.

(С.Бл.)