Вирусот Западен Нил повторно се шири низ Европа, а сезоната на пренос преку комарци е во полн ек. Според најновите податоци на Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ECDC), локално пренесени случаи се регистрирани во Грција, Италија, Шпанија и Романија.
Во Грција, Националната организација за јавно здравје (EODY) соопшти дека до 22 јули се потврдени 21 локален случај на инфекција. Кај 20 пациенти се развиле сериозни компликации на централниот нервен систем, како енцефалитис и менингитис, додека едно лице имало поблаги симптоми. Засега нема пријавени смртни случаи, а 13 пациенти се хоспитализирани.
Само во изминатата недела биле регистрирани 14 нови локални случаи. Дополнително, евидентиран е и еден случај кај лице кое престојувало во ендемска земја, но сè уште не е утврдено каде точно се заразило.
Најголемиот број случаи во Грција се регистрирани во поширокиот регион на Атика. Иако во некои соседни општини сè уште нема потврдени инфекции кај луѓето, тие се прогласени за подрачја со висок ризик поради близината до погодените области и епидемиолошките податоци.
Од EODY истакнуваат дека појавата на вирусот речиси секоја година од 2010 година наваму покажува дека вирусот Западен Нил станал ендемски во Грција, а слична состојба има и во неколку други европски земји.
Експертите потсетуваат дека вирусот се пренесува преку убод од заразен комарец, а во текот на летните месеци ризикот од пренос е најголем. Поради тоа, здравствените власти препорачуваат користење репеленти, носење облека со долги ракави и ногавици и отстранување на застоена вода каде што се размножуваат комарците.
Според податоците на ECDC заклучно со 15 јули, во Европа се регистрирани вкупно 33 локално пренесени случаи. Најмногу има во Италија – 20 случаи во 16 различни подрачја. Картата на ECDC покажува дека вирусот брзо се шири географски. Во Италија, на пример, за само една недела биле додадени уште 11 нови подрачја каде што е потврдено присуство на вирусот.












