Американската Федерална управа за авијација (FAA) од денеска ќе започне со користење на систем за вештачка интелигенција за управување со воздушниот сообраќај на три клучни аеродроми во пошироката област на Вашингтон. Новата алатка, наречена SMART, функционира преку „облак“ технологија и ќе ги поддржува постоечките системи.
FAA нагласува дека нејзината цел не е да ги замени контролорите на летање или да го реши недостигот на персонал, пренесува „Вашингтон тајмс“ (The Washington Times).
SMART (Стратешко управување со воздушниот простор, рутите и траекториите) ќе ги анализира распоредите на летови, временските прогнози, условите на аеродромите и други оперативни фактори за да предвиди преоптовареност на воздушниот сообраќај и потенцијални доцнења.
„Заедничката анализа им овозможува на FAA, авиокомпаниите и операторите да ги одредат и координираат најефикасните рути и времиња на полетување“, се наведува во описот на системот објавен од FAA.
Новата алатка ќе се применува на Националниот аеродром „Роналд Реган“ во Вашингтон, Меѓународниот аеродром „Вашингтон Далес“ и Меѓународниот аеродром „Балтимор/Вашингтон Тургуд Маршал“. Главната писта на аеродромот „Реган“ е најпрометната во САД.
Во јануари 2025 година, токму на тој аеродром се случи една од најтешките авионски несреќи во САД во последните децении. Се судрија воен хеликоптер и патнички авион, при што загинаа сите патници и членови на екипажот од двете летала.
Контролорите на летање предупредуваа на преоптовареност на воздушниот сообраќај уште пред несреќата. Во јуни, FAA додели договор за развој на оваа технологија со вештачка интелигенција на компанијата „Air Space Intelligence“ со седиште во Вашингтон. Системот е дизајниран да ги намали доцнењата на летовите, да го подобри протокот на сообраќајот и да го зголеми капацитетот на воздушниот простор.
Американскиот секретар за транспорт, Шон Дафи, во јуни изјави дека воведувањето на системот би можело „фундаментално да го промени начинот на управување со воздушниот простор“, истовремено намалувајќи го бројот на доцнења и откажувања на летови.












