Градот Велес, од 9 до 11 октомври, ќе мириса на вкусна пита, која ќе се залие со квалитетно вино, но и убава музика.
Подготовките за оваа традиционална манифестација „Питијада 2026“се во тек. Организаторите на овој фестивал, Општина Велес, најавуваат дека тој ќе започне традиционално со најмалите од детската градинка „Димче Мирчев”, а веднаш потоа ќе биде исечена џиновската пита која од година во година соборува рекорди.
Додека посетителите уживаат во вкусната пита и во квалитетното вино, за музичкиот дел ќе се погрижат нашиот велешанец, Тони Андреев, а по него следуваат Влатко Миладиноски и Златко Миладиноски со оркестарот и Влатко Лозаноски-Лозано.
В сабота, на 10 октомври, во 12 часот најмладите ќе се забавуваат со детскиот фестивал „Јаболчиња“, а вечерта се настапите на Марија Спасовска, Ана Петановска, Александар Тарабунов и балканската ѕвезда, Наташа Беквалац. В недела ќе настапат специјалните гости, групата „Црвена јабука“.












