Во Македонскиот народен театар (МНТ), вечерва ќе биде отворено 26. издание на Скопскиот филмски фестивал, кое годинава носи модернизиран концепт, збогатена програма и силно меѓународно присуство, најавија организаторите.

Програмата започнува во 19:30 часот со дефилето на црвениот тепих, каде што ќе пристигнат голем број филмски автори, актери, гости од странство и истакнати културно-уметнички дејци. Почетокот на официјалната церемонија е закажан за 20:00 часот. Во рамките на отворањето, за првпат ќе биде доделена фестивалската награда „Златна Скополија“ за исклучителен придонес кон светската кинематографија. Оваа година признанието им припаѓа на полските автори: режисерката Малгоржата Шумовска и снимателот и режисер Михал Енглерт. По доделувањето на наградата, фестивалот ќе биде отворен со проекцијата на нивниот најнов филм „Идиот(и)“ (The Idiot(s)), во кој главните улоги ги толкуваат Џони Флин и Ејми Лу Вуд.

Годинашното издание на фестивалот привлече истакнати професионалци од европската и регионалната филмска индустрија. Во Скопје веќе престојуваат членовите на меѓународното жири и на Фестивалскиот совет: британскиот филмски критичар и селектор Филип Бергсон, британскиот продуцент Стив Абот, регионалниот продуцент Мирослав Могоровиќ, српскиот режисер Павле Вучковиќ, германската филмска селекторка Даниела Вебер, како и македонската актерка и продуцентка Лабина Митевска и режисерот Даријан Пејовски. Помеѓу специјалните гости на церемонијата, се очекува и присуството на познатиот актер, режисер и продуцент Драган Бјелогрлиќ.

Заедно со нив, на фестивалот ќе присуствуваат и авторите кои лично ќе и ги претстават своите остварувања на скопската публика: Халкавт Мустафа, режисер на филмот „No Paradise If You Are Killed by a Woman“; Лоренс Фахардо, режисер на филмот „Silenced Nights“; Димитрис Накос, режисер на филмот „Life in a Beat“; Габор Холтаи, режисер на филмот „Feels Like Home“; Сузане Хајнрих, режисер и сценарист и Марчело Бусе, кои го претставуваат филмот „The Miserable Mother“.

Во деновите што следат, до 9 ноември, фестивалот ќе понуди исклучително богата и разновидна филмска програма исполнета со премиери на истакнати авторски остварувања, фестивалски фаворити, динамични филмски разговори и ексклузивни мастерклас сесии со предавачи-гости. Фестивалскиот Центар е лоциран во Младинскиот Културен Центар, додека проекциите ќе се одвиваат на две препознатливи културни локации во градот — Македонскиот народен театар (МНТ) и киното „Фросина“ во МКЦ.

ИЗДВОЕНИ