Низ гостиварските чешми потече вода која надлежните ја прогласија за чиста, но, гостиварци сè уште се внимателни. По повеќе од еден месец забрана, животот во првиот град на Вардар со тешки маки се враќа во нормала. На гостиварските улици ги нема ниту цистерните каде што граѓаните полнеа вода, ниту, пак, солидарните камиони каде што се делеа пакети. Сепак, граѓаните со голема внимателност се враќаат на водата од градскиот водовод. Она што се забележува „од прва“ е дека ретко кое семејство се врати на „чешмовача“, а голем број домаќинства не ја употребуваат дури ни за готвење. Во домовите повторно се полнат бокали од проверени селски чешми, во продавниците шишињата со вода веќе не се меѓу најбараните производи, но сепак се купуваат, а во кафулињата кафето не се служи традиционално со вода, туку само ако се нарача.
Гостивар полека останува и без дел од летните гости од дијаспората, а трговците велат дека кризата со водата се почувствувала и во нивната заработка.
– Половина од „странците“ само што дојдоа, поради водата ни избегаа во Косово, Албанија… останаа само оние што мораа да бидат тука. А што да прават, кога не можеа ни да си ги исчистат куќите. Се чудам како можеше на еден град како Гостивар да му се случи ова, вели за весникот ВЕЧЕР трговецот Пајазит Арслани. Тој раскажува дека заедно со неговата сопруга и so помалото синче завршиле на инфузија поради дијареата и повраќањето што го добиле од загадената вода. На прашањето дали пијат вода од чешма, одговара дека сè уште не се чувствува добро и дека иако e веќе исправна, сè уште пијат купена вода.
– Во Гостивар остана нешто што не може да се провери со лабораториски анализи – довербата, додава тој.
Продавачките од маркетите велат дека голем број од граѓаните сè уште не ѝ веруваат на „чешмовачата“.
– Купувам само за пиење, а готвиме, се бањаме и чистиме со водата од градски водовод. Се обидуваме да се навикнеме, но секое одвртување на славината го гледам како опомена дека бистриот млаз не е безопасен. Стоиш неколку секунди дали да се напиеш или да посегнеш по шишето, вели Билјана Марковска за весникот ВЕЧЕР. Се чуди како надлежните дозволија една обична чаша вода да стане причина за страв и сомнеж. Додава дека сите очекуваат јавноста да биде запознаена со лабораториските анализа, но се сомнева дека и тоа ќе ја врати довербата.
– Ако велат дека кризата е завршена, сега сите ние сакаме да знаеме и како дојде до тоа водата што секојдневно сме ја пиеле да стане причина за една од најголемите локални здравствени кризи, вели нашата соговорничка.
Според последните епидемиолошки податоци, во моментов нема нови случаи на гастроентеритис или ентероколитис, односно стомачни тегоби, кои се поврзуваат со загадената вода.
Цевки пукаат

Но, на терен се гледа дека проблемите со водоснабдувањето не завршиле со кризата. Во некои населби се случува да нема вода и по неколку часа, а во делови од градот и во повисоките зони притисокот е минимален. Она што можевме да забележиме на повеќе места беа пукнати цевки од кои бликаше вода.
– Каде отидоа сите силни пари за реконструкција на инфраструктурата што градоначалниците ја добивале со децении? Ова не е ништо друго освен резултат на перманентната негрижа и поставување некомпетентни кадри на влијателни раководни позиции сите години наназад. Сето тоа ни се удира од глава, прашува и веднаш одговара Сашо Малиноски, кој живее на улица ЈНА, каде што беше еден од дефектите.
Револт поради политичките пресметки и релативизирањето на катастрофата
Револт почувствувавме и кај голем број гостиварци со кои разговаравме. Тие се лути што политичарите ја употребија кризата за меѓусебни обвинувања, но и што случајот, според нив, се релативизира. Особено реагираат на изјавите на ексградоначалникот, лидерот на Алијанса за Албанците и доктор по професија, Арбен Таравари, кој, пак, во едно телевизиско интервју ја релативизираше тезата дека загадувањето на водата било причина за здравствената криза, посочувајќи на сезонски вирус и на фактот дека дел од пациентите доаѓале од населени места кои не се снабдуваат од градскиот водовод. Сепак, призна дека вклучувањето на пумпите во главниот цевковод било грешка. Но, во Гостивар има и граѓани кои го делат истото мислење со него. Сметаат дека кризата била инцидентна и дека не треба да се бараат виновници. Велат: „Се случуваат и вакви работи, не треба да се прави планина од еден инцидент. Беше и помина“.
Кризната состојба заврши, но последиците останаа
За потсетување, водата во Гостивар беше забранета за пиење од 17 јули. Според надлежните, загадувањето дојде од непрописно поставени пумпи од ЈП „Комуналец“ – Гостивар, со кои во системот се внесувала загадена вода. Илјадници граѓани завршија во болница поради труење со бактерии. Се изврши процес на хиперхлорирање за да се прочисти целиот водоснабдителен систем, по што водата беше прогласена за исправна само за техничка употреба.
Од 14 август, водата од градскиот водовод во Гостивар е безбедна за пиење, откако резултатите од извршените лабораториски испитувања од Институтот за јавно здравје и лабораторијата на скопски „Водовод и канализација“ беа задоволителни. На полноќ во петокот истече триесетдневната кризна состојба, а истиот ден надлежните информираа дека водата за пиење во Гостивар е чиста и безбедна. За случајот се уапсени директорката на гостиварски „Комуналец“ и уште две лица.
По водата, и чад во воздухот
Во Гостивар се чувствува дека раните од водната криза нема да зараснат преку ноќ. А како да не беше доволно тоа, викендов градот се најде под нова непријатност – силен мирис на чад и запалено. Загадениот воздух доаѓаше од пожарот во селото Церово (Општина Маврово и Ростуше) кое се наоѓа во близина на депонијата во Русино. Таму, гостиварските пожарникари и вчера се бореа со пламените јазици кои ја зафатија шумата над селото, а чадот од разгорениот пожар се чувствуваше и во Гостивар. Според информациите од ЦУК, пожарот и вчера беше сè уште активен. (Е. А.)











