Најтрофејниот македонски ракометен клуб Вардар, вечерва од 20,45 часот му гостуваат на полскиот Висла Плок, во рамките од четвртото коло од ЕХФ Лигата на шампионите.

Вардар го очекува вториот натпревар против Висла Плок во период од само шест дена. По дуелот во Скопје, кој полскиот тим го доби со 32:26, „црвено-црните“ гостуваат во Плок со желба да одиграат подобар натпревар и да се изборат за првите бодови во Лигата на шампионите.

Во првите три кола РК Вардар покажа дека може рамноправно да се носи со силните европски екипи, особено на натпреварите против Мелсунген и Нант. Тренерот Иван Чупиќ очекува неговите ракометари да ги поправат грешките од првиот дуел со Висла и со поголема самодоверба да влезат во новата пресметка.

„Секогаш кога ќе загубите натпревар, јасно е дека можете и морате да бидете подобри. Висла беше фаворит во Скопје, а ќе биде уште поголем фаворит на нивниот терен. Не мислам дека пред нашите навивачи одигравме толку лошо како што можеби изгледаше поради доминацијата што ја покажа Висла. Го анализиравме натпреварот и сигурно има простор за подобрување во нашата игра, како во одбраната така и во нападот. Верувам дека со добра енергија и поголема самодоверба можеме да одиграме силен и квалитетен натпревар.

Сакаме повторно да се претставиме во позитивно светло во Лигата на шампионите. Во преостанатите три натпревари, исто како и во првите три, сакаме да бидеме конкурентни и да се бориме за нашите први бодови и првата победа. Сакаме и понатаму да имаме за што да играме и да продолжиме да напредуваме“, изјави Чупиќ.

Десното ктило Вукашин Воркапиќ смета дека екипата мора да извлече поука од првиот натпревар, да ги поправи грешките и да покаже уште поголема борбеност во Плок.

„Теоретски сè е можно, иако реално веројатно немаме многу шанси. Што се однесува до првиот натпревар, не знам дали навистина го дадовме сето она што беше во рамките на нашите можности, но тоа не беше доволно. Навистина се обидовме, но сега мораме да се прегрупираме, да извлечеме поука од грешките и да поправиме сè што може да се поправи, изјави Воркапиќ.

ИЗДВОЕНИ