
Неверојатни работи се случуваат во таборот на Реал Мадрид во последно време, бидејќи речиси и не поминува ден без да излезе на виделина некоја нова „глупост“ од неговата соблекувална.
Најновиот скандал што го тресе Реал Мадрид се случи во четвртокот, кога избувна нова тепачка помеѓу Фредерико Валверде и Аурелиен Чуамени, по која Уругваецот заврши во болница.
Двајцата играчи од средниот ред го имаа својот прв дуел на тренинг во средата и иако се чинеше дека се помирија, не се случи тоа. Следниот ден повторно настана физичка пресметка и, според шпанските медиуми, Валверде претрпел сериозна повреда на главата. Затоа ќе го пропушти „ел класико“, кое се игра в недела, во Барселона, а пред да ја дознае таа информација, Валверде се обиде да ги смири работите.
Играчот за врска издаде соопштение во кое тврди дека воопшто немало тепачка и дека ја удрил главата од масата. Сепак, малкумина му веруваа на Уругваецот, а неговата приказна пропадна откако Реал Мадрид испрати официјално соопштение.
„Кралскиот клуб“ потврди дека се поведени дисциплински постапки против Валверде и Чуамени, што е најдобар доказ дека навистина се случувало нешто сериозно.
– Реал Мадрид сака да ја информира јавноста за тоа што се случило во текот на тренингот на првиот тим и да потврди дека се поведени истрага и дисциплинска постапка против Федерико Валверде и Аурелиен Чуамени. Клубот повторно ќе ги објави резултатите од постапката – се вели во соопштението.
Навивачите на Реал Мадрид велат дека сите овие изјави покажуваат дека не функционираат добро работите во клубот.
Валверде беше првиот што се огласи и ги негираше обвинувањата дека имало тепачка и насилна конфронтација, но набргу потоа Реал Мадид го негираше тоа со свое соопштение.
Исто така, се наведува дека Уругваецот претрпел потрес на мозокот, поради што ќе мора да мирува околу две недели.











