На плоштадот „Македонија“ свечено беа отворени „Плазма спортските игри за млади“, најголемата аматерска спортска манифестација за деца, на која оваа година ќе учествуваат повеќе од 27.000 млади од цела Македонија.

Игрите опфаќаат повеќе спортски дисциплини и ќе се реализираат преку натпревари на локално, регионално и на државно ниво. Најдобрите учесници ќе обезбедат пласман на меѓународното финале во Сплит, каде што ќе ги одмерат силите со врсниците од регионот.

ФОТО: П.С.

Со приклучувањето кон оваа манифестација, Македонија првпат станува дел од едно од најголемите европски спортски движења за деца и млади.

На свеченото отворање присуствуваа премиерот Христијан Мицкоски, министерот за спорт – Борко Ристовски, градоначалникот на Скопје – Орце Ѓорѓиевски, претседателот на Игрите – Здравко Мариќ и претседателката на Федерацијата на училиштен спорт – Елена Мицковска.

Министерот Ристовски истакна дека организацијата е резултат на долг процес и на јасна државна стратегија за вложување во спортот, младите и во спортската инфраструктура.

  • Ова не само обичен настан, ова е идеја за општество што верува во младите, во спортот и во иднината. Овие игри се повеќе од натпревар, тие се можност секое дете да почувствува што значи да се биде дел од тим, да научи што е ферплеј и да изгради карактер што ќе го води низ животот. Нашата цел е јасна: спортот не е привилегија, спортот е право, право не секое дете, без разлика од кој град доаѓа, какви услови има или какви соништа носи. Затоа денес не зборуваме само за иднината, зборуваме за систем за вложување во младите, во инфраструктурата, во училиштата, во локалните заедници… Нашата цел е јасна: да создадеме средина во која младите ќе растат со спортот, да изградиме генерација што ќе биде посилна, поздрава и пообединета. Најсилната порака на спортот ја испраќаме оттука: различни, но обединети; натпреварувачки, но фер; амбициозни, но со почит. Драги деца, не е најважно кој ќе победи, најважно е кој што ќе научите и какви луѓе ќе станете – порача Борко Ристовски од плоштадот „Македонија“.

Свое кратко, но јасно обраќање имаше и премиерот Христијан Мицкоски.

  • Убаво е чувството да се види толкав број деца на едно место. Затоа ќе порачам: спортувајте, другарувајте, бидејќи токму вие сте иднината на Македонија – додаде Мицкоски.

Свечениот почеток на манифестацијата беше симболично означен со палење на спортскиот пламен на плоштадот „Македонија“.

ИЗДВОЕНИ