Валенсија ќе биде една од најинтересните екипи за следење во новата сезона од Евролигата. По сензационалниот настап минатата сезона, кога стигна до фајнал форот и беше на чекор до финалето, таа доживеа вистински егзодус. Дури 11-мина кошаркари ја напуштија тимот, а замина и тренерот Педро Мартинес, кој ја прифати понудата на Реал Мадрид. Наместо него, на клупата седна 39-годишниот Хави Алберт, човек што е дете на клубот и доби шанса да ја започне новата ера на Валенсија.

И покрај огромните промени, Валенсија не седеше со скрстени раце. Доведе осум нови засилувања, а најголемо име меѓу нив е македонскиот репрезентативец Ти-Џеј Шортс.

По неуспешната сезона во Панатинаикос, каде што имаше ограничена минутажа, Шортс ќе има можност повторно да биде лидер на еден амбициозен тим. Пред доаѓањето во Атина, беше меѓу најдобрите кошаркари во Евролигата и се очекува повторно да ја преземе главната организаторска улога во Валенсија.

Покрај него, шпанскиот клуб ги доведе и Армони Брукс од Милано, поранешниот кошаркар на Партизан – Дилан Осетковски, Гонзало Корбалан, Лукас Мари, Марио Сан-Супери, Мухамед Гуеј и Вилденс Левеке.

Од минатогодишниот состав останаа само седуммина кошаркари. Меѓу нив е уште еден натурализиран македонски репрезентативец, Омари Мур, а тука се и Натан Риверс, Камерон Тејлор, Јанкуба Сима, Хозеп Пуерто, Алваро Карденас и Нил Сако, кои ќе бидат основата околу која ќе се гради новиот тим.

Во меѓувреме, голем број ѕвезди ја продолжија кариерата во други клубови. Жан Монтеро се пресели во Олимпијакос, Бранко Бадио во Панатинаикос, Дариус Томпсон во Милано, Брекстон Ки во Фенербахче, а Хаиме Прадиља во Реал Мадрид.

И покрај тоа што практично ќе почне од почеток, Валенсија не ја загуби поддршката од своите навивачи. Таа веќе продаде 15.500 сезонски билети, што е јасен показател дека не исчезнал оптимизмот во Шпанија.

Предводена од нов тренер и со двајца македонски репрезентативци – Ти-Џеј Шортс и Омари Мур, Валенсија ќе се обиде повторно да биде едно од најпријатните изненадувања во Евролигата.

 

ИЗДВОЕНИ