Вакцините против сезонски грип се очекува да бидат обезбедени во текот на овој месец, информираат од Министерството за здравство. Оттаму уверуваат дека се преземаат сите потребни активности вакцинацијата на ранливите категории граѓани да започне што е можно поскоро.
Од Министерството појаснуваат дека доцнењето не е поврзано со домашната постапка за набавка, туку со глобален проблем во производството на вакцините. На објавениот тендер во земјава не пристигнала ниту една понуда.
Причината, според Министерството, е промената на сите три вирусни соеви кои годинава се користат во составот на вакцината – два соја на вирусот на грип А и еден сој на грип Б. Светската здравствена организација и американската Агенција за храна и лекови (ФДА) ги ажурирале трите соеви, што довело до одложување на почетокот на производството кај производителите ширум светот.
„Оваа година, првпат одеднаш се променети сите три вирусни соеви во составот на вакцината“, велат од Министерството за здравство, посочувајќи дека причината за непристигнувањето понуди на тендерот е проблемот со производството на глобално ниво, а не домашната постапка.
Во меѓувреме, Министерството е во постојана комуникација со земјите од регионот и со меѓународни партнери, преку кои се очекува вакцините да бидат обезбедени во текот на месецов.
Од Министерството потсетуваат дека вакцинацијата останува најсигурна заштита од тешки форми на грип и компликации, особено кај хронично болните, постарите лица и бремените жени.
Граѓаните ќе бидат навремено информирани за обезбедувањето на вакцините и за почетокот на вакцинацијата.












