петок, октомври 2, 2026
Дома СКОПСКА В недела изменет сообраќаен режим

В недела изменет сообраќаен режим

1

Скопје в недела ќе биде во знакот на 22. Визер скопски маратон, поради што дел од улиците и булеварите во градот ќе бидат затворени за сообраќај. Од 6:00 до 14:00 часот, сообраќајот по улиците и булеварите опфатени со трасата на маратонот ќе биде пренасочуван по алтернативни сообраќајници.

Затворен за сообраќај ќе биде потегот од „Рекорд“, односно улиците „Македонија“ и „Димитрие Чуповски“, продолжувајќи по булеварот „Митрополит Теодосиј Гологанов“ и улицата „Васил Чакаларов“, до реонот на Хром. Ќе бидат затворени и делови од улицата „11 Октомври“, односно потегот од Собранието кон Црвениот крст, како и делови од булеварите „Крушевска Република“ и „Трета македонска бригада“, до делот кај Американ колеџ. Во Аеродром, со посебен сообраќаен режим ќе бидат опфатени потезите кон Воениот базен, Мајчин дом и булеварот „Јане Сандански“, до раскрсницата со булеварот „Србија“.

На посочените сообраќајници, возачите ќе треба да користат алтернативни правци, а конкретното пренасочување ќе се врши во зависност од движењето на тркачите.

Од Министерството за внатрешни работи апелираат до возачите да избегнуваат движење по трасите во периодот од 6:00 до 14:00 часот и да ги почитуваат наредбите и насоките на униформираните полициски службеници на терен.

Организаторите ги замолуваат граѓаните за разбирање поради привремениот сообраќаен режим и ги повикуваат навреме да го испланираат своето движење в недела, со избор на алтернативни сообраќајни правци каде што е потребно.

ИЗДВОЕНИ