среда, септември 23, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Без мобилни и нездрава храна во училиштето „Димитар Влахов“

Без мобилни и нездрава храна во училиштето „Димитар Влахов“

1

Во општинското основно училиште „Димитар Влахов“ во Штип, веќе една недела учениците не користат мобилни телефони и не внесуваат чипс, смоки и обоени сокови во училиштето.

Директорот на училиштето, Дејан Здравков, вели дека е донесена одлуката заедно со родителите, уште пред неколку месеци, и тоа пред крајот на претходната учебна година.

– Одлуката е донесена на Наставничкиот совет, Училишниот одбор и Советот на родители, со цел поголемо внимание на наставата и создавање поздрави навики кај учениците – потенцира Здравков.

Тој посочува дека исклучок од забраната за телефони имаат само мал број ученици, кои, во договор со родителите, имаат потреба од телефон за да си одат до дома. Во таквите случаи, телефоните мора да бидат без интернет-поддршка, исклучени и предадени кај класниот раководител веднаш по доаѓањето во училиште, а може да се подигне по завршувањето на наставата.

Здравков вели дека училиштето вовело и мерки за поздрава исхрана, односно трипати неделно за учениците е обезбедено свежо овошје, а во соработка со пекарите, креирано е соодветно мени со јогурт, печива и други оброци. Во училиштето, од пијалаци се дозволени вода, млеко и домашни сокови, додека нездравите грицки и обоените сокови се целосно забранети.

– Целта е поздрава комуникација без електрични уреди за да се исфрли зависноста од нив и за да се поттикнат вистинско дружење и физичка комуникација. Со новите правила, истовремено се стремиме и кон поздрава исхрана кај учениците – наведува Здравков.

Тој додава дека мерките што се воведени, по една недела даваат ефект.

Во ООУ „Димитар Влахов“, од прво до деветто одделение учат 930 ученици.  

 

 

 

ИЗДВОЕНИ