„Секстет“ е насловот на урнебесната комедија во режија на Марјан Георгиевски, а по текст на Марк Камолети, која на 25 април, во 20 часот, премиерно ќе биде изведена во Народниот театар во Битола.
– Зошто комедија? Затоа што премногу долго сме сериозни. Живееме во време на прегласни информации и постојани кризи. Научивме како да бидеме загрижени, заборавивме да се смееме. Затоа сега е време за Камолети – светскиот крал на фарсата и мајсторот кој знае како хаосот да го претвори во лек, се вели во најавата на претставата, која ќе има реприза на 27 април.
Директорот на НУ Народен театар Битола, Васко Мавровски, истакнува дека претставува особено задоволство на сцената на театарот, по пауза од 25 години, повторно да се постави ваков тип комедија — жанр кој со својата динамика, духовитост и современ сценски израз ветува одлична комуникација со публиката.
Во претставата играат Николче Пројчевски како (Бернар), Катерина Аневска Дранговска (Жаклина), Александар Димитровски – (Роберт), Сандра Грибовска Илиевска (Сузан), Марија Цветановска (Сузет) и Борче Ѓаковски како Џорџ.
– Еден сопруг ја договорил љубовницата на романтичен викенд, додека неговата сопруга заминува кај мајка си. Што може да тргне наопаку? Сè. Сопругата останува, доаѓа семејниот пријател, доаѓа готвачката и нејзиниот сопруг. Шестмина што не можат да излезат од лавиринтот на лаги. Никој не е разумен, секој сака да се спаси. Комедија која зборува за тоа каков живот живееме денес. Во тој комичен пекол лежи вистинското ослободување…
Сценографијата е на Влатко Чачоровски, музиката на Александар Димовски, светло -Горан Петровски, тон-Николче Терзиевски, дизајн на постер -Тхе Мичо.












