Шпионската мрежа работела од унгарската амбасада во Брисел, а нејзините активности значително се зголемиле во 2015 година, според документ од април, во кој се сумирани наоди од истрагата на Пјотр Серафин, комесарот задолжен за борба против измами. „Политико“, кој имал увид во документот, појаснува дека Серафин истражувал тврдења дека унгарски разузнавачки службеници распоредени во Постојаната мисија во средината на 2010-тите години се обиделе да регрутираат службеници на институциите на Европската Унија.
– Активностите на тие разузнавачки службеници во Брисел првично беа дискретни, но од 2015 година постепено стануваа сè поотворени“, се наведува во документот, во кој се додава и дека, според информациите, активностите престанале во 2016 година.
Во документот е наведено и тоа дека Комисијата не е запознаена за какви било „сериозни“ безбедносни пропусти. Сепак, првпат се потврдува постоењето на шпионска мрежа, како и фактот дека нејзина цел биле службеници на ЕУ.
–„Разузнавачките службеници ја искористиле својата службена позиција за да извршат посебна задача која, се чини, ги надминала задачите што вообичаено се поврзани со дипломатите во Постојаното претставништво. Ова особено вклучувало воспоставување контакт со службеници на Европската комисија од унгарска националност и обиди за собирање детални информации за работата на Комисијата за теми од посебен интерес за унгарската влада, стои во документот.
„Политико“ наведува дека Постојаната мисија на Унгарија не одговорила на барањето за коментар, а Европската комисија во април ги упатила новинарите на изјава од портпаролот Балаж Ујвари.
–Комисијата заклучи дека во врска со наводите објавени во медиумите не е утврдена сериозна повреда на безбедноста, изјавил тој во тоа време.












