четврток, јули 30, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Унгарија се соочува со енергетска криза поради ниското ниво на водата во...

Унгарија се соочува со енергетска криза поради ниското ниво на водата во Дунав, загрозена нуклеарната централа „Пакш“

0

Унгарскиот премиер Петер Маѓар во четвртокот предупреди дека единствената нуклеарна централа во земјата би можела целосно да запре со работа во наредните денови поради рекордно ниското ниво на водата во реката Дунав, што го зголемува ризикот од енергетска криза.

Во видео-порака, Маѓар изјави дека нуклеарната централа „Пакш“, која работи веќе 44 години, би можела за првпат целосно да запре со работа поради недостиг на вода од Дунав, неопходна за ладење.

Тој истакна дека владата подготвува итни мерки и предупреди дека енергетската криза би можела да започне уште во понеделник, доколку ситуацијата не се подобри.

Маѓар повика на координирано дејствување и доброволно намалување на потрошувачката на енергија за да се избегнат посериозни последици.

Операторот на електраната „Пакш“ подоцна соопшти дека целосното исклучување би можело да стане неизбежно во наредните 24 до 72 часа доколку нивото на водата остане критично ниско.

Електраната произведува речиси половина од електричната енергија во Унгарија, но веќе го намали производството на помалку од 50 отсто од својот капацитет.

Кризата се јавува во услови на силен топлотен бран и долготрајна суша низ Централна Европа, кои го спуштија нивото на водата во Дунав на историски минимум, попречувајќи ја речната пловидба и принудувајќи намалување на производството на нуклеарна енергија во Унгарија и соседна Романија.

ИЗДВОЕНИ