среда, ноември 4, 2026
Дома СВЕТ Паднаа стереотипите: САД добија гувернерка потомок на робови, прв муслиман и прв...

Паднаа стереотипите: САД добија гувернерка потомок на робови, прв муслиман и прв геј-сенатор

1

Според првите резултати, демократите во Претставничкиот дом освоиле 228 места, што е повеќе од потребните 218 за мнозинство, додека републиканците имаат 139 претставници. Во Сенатот, демократите имаат 54, а републиканците 44 места. Трамп рече дека републиканците ги загубиле изборите зашто не било неговото име на гласачкото ливче, а во изборната ноќ најави вето на сè

 

Сите анкети укажуваа на пораз на републиканците на изборите за американскиот Конгрес, но никој не очекуваше ваков дебакл. Демократите ги освоија и Сенатот и  Претставничкиот дом, а републиканците забележаа историски пораз и во Тексас, држава што беше нивно упориште цели три децении. Во Тексас загуби и Илон Маск, кој со вложени милиони и со објави на својата мрежа „Икс“ ширеше заговори против демократскиот кандидат, Џејм Таларико.

– Изгледа дека моите вселенски ласери за мешање во изборите овој пат не работеа – напиша Маск на „Икс“, по поразот на републиканците во Тексас.

Во средата рано изутрина, се огласи и претседателот Доналд Трамп, но само за да обвини некого за поразот. Прстот го впери во конзервативната телевизија „Фокс њуз“. За каналот што до вчера му беше омилен рече дека има директна вина за изборниот пораз, бидејќи постојано вклучувал претставници на опозицијата. Подоцна рече дека причина за поразот е тоа што не било неговото име на гласачкото ливче. Според првите резултати, демократите во Претставничкиот дом имаат мнозинство. Освоија 228 места, што е повеќе од потребните 218 за мнозинство, додека републиканците имаат 139 претставници. Во Сенатот, демократите имаат 54, а републиканците 44 места.

Најубедлива победа извојува демократскиот сенатор Џон Ософ во Џорџија, толку убедлива што беше прогласена само 18 минути по затворањето на гласачките места. Успехот на Ософ веднаш ги поттикна шпекулациите дека би можел да стане еден од главните кандидати на Демократската партија на претседателските избори во 2028 година. Иако 39-годишниот политичар решително ја отфрла можноста за претседателска кандидатура, сè повеќе политички аналитичари го гледаат како личност што би можела да ги обедини различните струи на Демократската партија и да им се спротивстави на републиканците во борбата за Белата куќа, пишува „Дејли мејл“. Политичката аналитичарка на Си-ен-ен, Кејси Хант, веднаш изјави: „Вечерва е првиот ден од претседателската кампања на Џон Ософ“, а една од причините зошто сè почесто се споменува тој како потенцијален претседателски кандидат е силната поддршка од поранешниот американски претседател, Барак Обама.

Овие избори ќе влезат во американската историјата и по тоа што срушија неколку симболични бариери, овозможувајќи им на демократите од малцинските заедници да добијат највисоки должности. Кејша Ленс Ботомс, која се претстави во изборната кампања како потомок на робовско семејство, е избрана за гувернер на Џорџија, со што стана првата црна жена на таа функција во САД.  Деб Халанд, членка на племето Лагуна Пуебло, стана првата жена од индиско потекло избрана за гувернерка во државата Ново Мексико. На северот од земјата, во Минесота, Пеги Фланаган, исто така, постигна историски успех, станувајќи првата американска Индијанка што влегла во Сенатот. Во предизборната кампања, Трамп најмногу го напаѓаше кандидатот од Мичиген, Абдул ел Сајед од левото крило на Демократската партија. Го нарекуваше Мухамед, го опишуваше како поддржувач на тероризмот, обвинувајќи го неговото семејство за врски со Ал Каеда. Абудл ел Сајед, доктор и син на египетски имигранти, прогласи победа во Мичиген, а ако се потврди неговиот избор, ќе стане првиот сенатор муслиман во историјата на САД. По победата, тој му порача на Трамп: „Имавте проблем со моето име, сега викајте ме сенатор“. Крис Папас, пак, избран во Њу Хемпшир, стана првиот сенатор што отворено се декларира како геј. Овој 46-годишник, кој потекнува од познато грчко-американско семејство што управува со синџир ресторани во таа федерална држава, по победата се појави на сцената со својот партнер, кого го опиша како „фантастичен сопруг“. Во новиот Конгрес,  на чело на Претставничкиот дом првпат може да дојде Афроамериканец. Поранешниот лидер на демократското малцинство во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, се смета за веројатен кандидат за преземање на функцијата претседател на тоа тело. Флорида првпат во историјата избра црн гувернер, републиканецот Бајрон Доналдс. Калифорнија, пак, го добива првиот политичар од хиспанско потекло, демократскиот гувернер Ксавиер Бесера.

Новиот 120.  состав на американскиот Конгрес ќе се конституира на 3 јануари напладне. Но, постои можност Конгресот, пред конституирањето, законски да го помести тој датум, како што се случи во 2015 година. Трамп веќе се нарече самиот себеси „мистер вето“, најавувајќи дека ќе одолговлекува со формирањето на Конгресот ако загуби. Се очекува ветото да биде негово главно оружје до крајот на мандатот.

– Имам целосно право на вето и сигурен сум дека ќе можеме да ги решиме работите. Мислам дека ќе сакаат да соработуваат со мене. Инаку, би ставил вето на сè, а тие нема да го сторат тоа – порача тој во изборната ноќ.

Ова значи дека ќе се преговара за буџетот, цените, царините и за војната во Иран, најверојатно, од случај до случај,  со постојана закана со блокада од двете страни. Постои опција и за отповикување на Трамп, но за тоа демократите во Сенатот немаат мнозинство.

ИЗДВОЕНИ