Антрополозите открија докази за насилна смрт на бројни дворски службеници погребани покрај фараоните од Првата династија во некрополите Абидос и Ум ел-Кааб, што ја поткрепува теоријата за човечки жртвувања во раната историја на Стариот Египет.
Значајниот напредок во форензичките и биоархеолошките истражувања им овозможи на научниците да стекнат подобар увид во практиката на човечки жртвувања во древниот Египет – за што се пронајдени докази во гробниците на најраните фараони – се наведува во новата студија објавена денес на порталот Frontiers.
Применети се нови истражувачки методи врз човечки останки од кралски погребни комплекси кои датираат од Првата династија (околу 3078–2900 г. п.н.е.) на локалитетот Ум ел-Кааб во Абидос, каде што стотици дворски службеници и занаетчии биле погребани околу гробниците на раните кралеви.
Користејќи го локалитетот Абидос како студија на случај, холистичкиот пристап карактеристичен за биоархеологијата овозможува не само реинтерпретација на бројни претходни збирки на наоди, туку и темелно преиспитување на начинот на кој се разбираат општествата на древниот Египет и Нубија. Современите анализи покажаа дека скелетните останки на многу поединци во Абидос имаат повреди здобиени во моментот на смртта, се чини дека раните истражувачи веројатно ги забележале овие повреди, но погрешно ги протолкувале како оштетувања настанати по смртта.
„Во многу древни култури, слугите честопати биле жртвувани заедно со своите господари за да продолжат да им служат во задгробниот живот. Исто така, можно е ова да служело како демонстрација на моќта на владетелот – некои дворјани можеби доброволно се пријавиле за жртвување во замена за вечен живот, додека други биле жртвувани преку насилство“, објасни Розалинд Кембел, истражувач од Универзитетот Пердју (САД).
Се покажа дека во 39 проценти од случаите, черепите на древните Египќани имале карактеристични фрактури предизвикани од удар со тап, рамен предмет во задниот дел на главата или во друг дел од черепот. Ваквите повреди – како што покажува научната анализа – би довеле до ненадејно губење на свеста, внатрешно крварење и брза смрт на дворјаните, што е наод што ја поткрепува теоријата за ритуално убивање, заклучи Кембел. Напредокот во разбирањето на етиологијата на повредите, тафономијата и нијансите на социоекономскиот статус, кои се одразуваат во погребните практики, ни овозможува повторно да ги разгледаме првичните заклучоци донесени од истражувачите пред еден век. Современите методи беа применети конкретно врз збирка човечки останки ископани од истражувачот Флиндерс Петри во 1920-тите години во Абидос, во јужен Египет.
Раните истражувачи сметале дека овие останки даваат докази за човечки жртвувања во самиот зачеток на египетската држава.
Примената на знаењата и истражувачките сознанија собрани во текот на еден век овозможи преиспитување на овие откритија и ажурирање на нашето разбирање, со што се потврдија тие претходни заклучоци.
Сепак, овие нови сознанија истовремено ја усложнија интерпретацијата на наодите, јасно укажувајќи дека погребните ритуали поврзани со владетелите од Првата династија веројатно биле посложени и поразновидни отколку што претходно се претпоставувало.
Авторите на студијата сугерираат дека оваа работа треба да ги поттикне другите експерти да користат современа технологија и методи за повторно да ги разгледаат наодите на нивните претходници, со што континуирано ќе се унапредува нашето разбирање за животот во минатото – дури и во регион толку богат со археолошки откритија како што е долината на Нил.












