Полска забрзано се наметнува како една од најдинамичните европски економии, привлекувајќи странски инвестиции, германски компании, но и сè поголем број луѓе кои се селат од Германија во потрага по подобри услови за живот и работа.
Додека германската економија се соочува со слаб раст и административни пречки, Полска бележи значително подобри резултати. Во 2025 година полската економија пораснала за 3,6 отсто, наспроти само 0,2 отсто во Германија.
Според германскиот јавен сервис „Тагесшау“, меѓу главните причини за економскиот подем на Полска се пониските трошоци за работење, помалата бирократија, даночните олеснувања, дигитализираната администрација и големите инвестиции во инфраструктурата.
Во Полска денес работат околу 6.000 германски компании, кои досега инвестирале приближно 50 милијарди евра. За нив особено привлечни се брзината на реализација на проектите и поедноставените административни процедури.
Економскиот раст повеќе не се темели само на евтината работна сила. Квалитетот и мотивираноста на работниците, како и даночните поволности за младите, дополнително ја зголемуваат конкурентноста на земјата. Вработените под 26 години имаат даночно ослободување за приходите до одреден годишен праг.
Промените се забележуваат и во миграцијата. Во 2024 година од Германија во Полска се преселиле речиси 91.000 луѓе, додека во спротивна насока заминале околу 82.000. Меѓу причините се подобрените економски перспективи, даночните олеснувања и сè поквалитетните услови за живот во полските градови.
Особена предност на Полска е и дигитализацијата на јавната администрација. Голем број административни услуги, од отворање компании до банкарски и здравствени услуги, можат да се завршат преку мобилни апликации, без посета на институции.
Земјата истовремено инвестира во патната и железничката инфраструктура. Во изминатите две децении изградила повеќе од 4.000 километри брзи патишта, а меѓу најамбициозните идни проекти е новиот меѓународен аеродром меѓу Варшава и Лоѓ, кој треба да стане важно европско транспортно средиште.
Комбинацијата од стабилен економски раст, инвестиции, даночни поволности, дигитализација и модерна инфраструктура ја претвора Полска во сè посилен економски конкурент на Германија.
Земјата која со децении се сметаше за посиромашен источен сосед денес станува привлечна дестинација за германскиот бизнис и работната сила, отворајќи го прашањето дали Германија може да научи нешто од полскиот економски модел.
Денес, во Полска работат околу 6.000 германски компании, кои директно инвестирале приближно 50 милијарди евра во земјата, работењето во Полска ѝм овозможува на компаниите да биде значително поконкурентни отколку во Германија..












