
Американскиот претседател Доналд Трамп, изјави дека размислува за воведување нови санкции и царини против Русија по новите руски напади врз Украина.
„Со оглед на фактот дека Русија во моментов буквално ја „меле“ Украина на бојното поле, сериозно размислувам за широки банкарски санкции, санкции и царини против Русија додека не се постигне прекин на огнот и конечен мировен договор“, објави Трамп, пренесува Би-Би-Си.
„Русија и Украина, седнете на маса сега, пред да биде предоцна. Ви благодариме!, додаде американскиот претседател.
Имено, руските сили ја уништија украинската енергетска и гасна инфраструктура во нападите во петокот вечерта, во првиот голем напад откако САД престанаа да споделуваат разузнавачки информации со Киев, пишува N1 Croatia.
Украинските воздухопловни сили соопштија дека Русија лансирала 67 проектили и 194 беспилотни летала. Соборени се 34 проектили и сто дронови, тврдат Украинците.
Регионалните власти од североисточниот град Харков до западниот град Тернопил известуваат за штета на енергетската и друга инфраструктура.
Осум лица се повредени во Харков, а уште две, меѓу кои и едно дете, се ранети во Полтава.