
Американскиот претседател Доналд Трамп денес изјави дека не е задоволен од најновиот предлог на Иран за решавање на конфликтот, наведувајќи дека преговорите се водат по телефон. Тој рече дека Иран сака да постигне договор со Вашингтон, но оцени дека неговата воена моќ е значително ослабена, пренесува „Скај њуз“.
„Иран сака да постигне договор“, им рече Трамп на новинарите во Белата куќа, додавајќи дека ваквите преговори се споменуваат со недели, но дека конечен договор сè уште не е на повидок. Како што истакна, Иран во основа повеќе нема војска.
„Тие сакаат договор, но јас не сум задоволен“, нагласи тој. Трамп, исто така, предупреди дека секое прифаќање на нуклеарното оружје на Иран би било опасно.
„Секој што мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје не е многу паметен“, рече тој, оценувајќи дека ова би било ужасно во иднина и би довело до проблеми какви што светот никогаш порано не видел. Тој додаде дека Иран повеќе нема морнарица, воздухопловни сили или системи за воздушна одбрана.
„Нивните сили се уништени“, нагласи Трамп, тврдејќи дека иранското раководство е поделено и не знае кој е вистинскиот лидер. Зборувајќи за можните опции на САД кон Иран, Трамп рече дека Вашингтон има избор помеѓу воена ескалација и договор.
„Дали сакаме целосно да ги уништиме или да се обидеме да постигнеме договор?“, праша тој, додавајќи дека тој лично не сака воен напад, но дека опцијата постои. Коментирајќи ја загриженоста за американските ракетни залихи, Трамп рече дека САД имаат доволен капацитет.
„Имаме повеќе од кога било досега… ние сме опремени и подготвени“, рече тој. Трамп, исто така, го повтори своето предвидување дека цените на нафтата и гасот ќе паднат по завршувањето на војната со Иран.











