Американскиот претседател Доналд Трамп остро реагираше на изјавите на германскиот канцелар Фридрих Мерц, обвинувајќи го дека „не знае за што зборува“ и дека погрешно ја проценува ситуацијата во врска со Иран.
Во објава на социјалната мрежа Trut Social, Трамп рече дека Мерц „мисли дека е во ред Иран да има нуклеарно оружје“, што дополнително ги затегна односите меѓу Вашингтон и Берлин.
Судирот следеше откако Мерц рече дека Иран ги „понижува“ САД со одложување на преговорите во контекст на конфликтот со Израел.
Трамп потоа порача дека германскиот канцелар треба да се фокусира на сопствените проблеми.
„Германскиот канцелар треба да биде повеќе загрижен за завршување на војната меѓу Русија и Украина, во која беше целосно неефикасен, и за поправање на својата разрушена земја – особено миграцијата и енергијата – и помалку да се меша во борбата против иранската нуклеарна закана“, напиша Трамп.
Еден ден претходно, Трамп, исто така, ја објави можноста за намалување на бројот на американски војници во Германија.
Од друга страна, во својот говор во Минстер, Мерц ја нагласи важноста на сојузот со САД и единството во НАТО, велејќи дека Германија останува сигурен партнер на Вашингтон.
Без директно да го спомене Трамп, тој нагласи дека Берлин дејствува „рамо до рамо“ со сојузниците, со јасен фокус на зајакнување на Бундесверот и подготвеност за идните безбедносни предизвици.












