Американскиот претседател Доналд Трамп го претстави новиот изглед на комеморативниот американски пасош со неговиот лик. Пасошот во ограничено издание ја одбележува 250-годишнината од основањето на Соединетите Американски Држави оваа година.
„Новиот американски пасош, на кој пишува: „Добредојде, но биди добар“, објави Трамп на својата социјална мрежа Truth Social.
Тој, исто така, прикачи примерок од страницата за пасош со неговиот лик над претседателската маса, со текстот на оригиналната Декларација за независност во позадина и неговиот потпис на дното.
На спротивната страница е слика од уметничкото дело „Декларација за независност“ од Џон Трамбул.
Пораката на Трамп „Добредојде, но биди добар“ предизвика лавина реакции на социјалните мрежи.
Многу корисници истакнуваат дека американскиот претседател не ја разбира целта на документот, дека пораката е формулирана како предупредување до странците и имигрантите што влегуваат во земјата, додека пасошот се издава исклучиво на американски државјани што патуваат надвор од САД и имаат целосно право да влезат во сопствената татковина.












