Освен што е христијански празник, за Велигден можеме да кажеме и дека е кулинарски празник. Традиционално, секоја велигденска трпеза ја красат разновидни јадења како вапсани јајца, велигденска плетенка, јагнешко месо, како и салати и повеќе видови пијалаци

Велигден е еден од најголемите христијански празници. Тој е празник на радоста и среќата, но и вистинска можност семејството да се собере на заедничка велигденска трпеза. Поентата на празникот е во заедништвото, топлата атмосфера, блискоста и споделувањето на нештата со најблиските, сето тоа на свечен празничен велигденски ручек. Во празничните денови се оди и на гости кај роднините и семејството го слави празникот со богата и убаво уредена трпеза.

Освен што е христијански празник, за Велигден можеме да кажеме и дека е кулинарски празник. Традиционално, секоја велигденска трпеза ја красат разновидни  јадења како вапсани јајца, велигденска плетенка, јагнешко месо, како и салати и повеќе видови пијалаци.

Вапсаните јајца

Вапсаните јајца и велигденската плетенка (милиброд) се задолжителни на секоја трпеза, затоа што црвените јајца ја симболизираат крвта на Исус, а лебот неговото тело. Централното место на велигденската трпеза е декорирана чинија или кошничка со вапсани јајца. Домаќинот го зема првото јајце, а по него и останатите домашни. Тогаш настанува натпревар во кршење јајца, а јајцето што е најсилно претставува голема радост за децата. Додека се кршат јајцата, се изговара „Христос воскресе“ и „Навистина воскресе“. На Велигден, прво се јаде велигденското јајце, а потоа и останатото јадење.

Велигденска плетенка

За овој празник, во некои краеви се приготвуваат различни лебови, кои најчесто се прават во сабота, пред големиот празник. Формата му е различна – кружна, елипсовидна или се украсува со крстови, симболи, суво грозје или велигденски јајца.

За подготовка на овој вкусен празничен колач со повеќе имиња, како козињак, милиброд или плетенка, потребни се: килограм брашно, 4 јајца, пакување свеж квасец, 250 мл млеко, 3 супени лажици шеќер, прстофат сол, 100 г бело грозје, отстоено во рум и жолчка за премачкување, а за филот: 250 мл млеко, 500 гр шеќер, пакување ванилин шеќер, 100 г мелен афион, 100 г црно грозје отстоено во ликер од вишни, 150 г мелени бисквити и 100 г путер.

Прво се подготвува филот од мелен афион. Сите состојки потребни за филот, освен путерот и бисквитите мелени, се варат околу 15 минути и се тргаат од оган. Тогаш се додаваат путерот и бисквитите.

Потоа се замесуваат брашното со квасецот, како и јајцата, шеќерот и солта. Додека се замесува тестото, по потреба се додава млекото. На тестото се додава рендана кора од портокал. Се остава да стаса, 30 минути, потоа се размесува и се додава белото грозје. Тестото се дели на четири дела: два поголеми дела за тркалезната модла и два помали за долгата модла. Се оставаат да стасаат 30 минути, покриени со крпа. Од секој дел се расукува долга тесна кора, во средина се става ладен фил со афион и се затвора кората, филот да остане внатре. Потоа се земаат двете подолги теста и се плетат со вртење меѓусебе. Плетенките се ставаат во подмачканите модли и се оставаат повторно да стасаат уште 20 минути. Се премачкуваат со жолчка и се посипуваат со шеќер. Се печат во загреана рерна на 200˚С, 30-40 минути.

За ручек јагнешко месо

За време на велигденскиот ручек, најчесто се служи јагнешко месо. Тоа се поврзува со фактот дека на денот на воскресението на Исус, како жртва било пренесено јагне. Но, некои кои не јадат јагнешко месо, приготвуваат свинско или зајачко печење.

За подготовка на печеното јагнешко потребни ви се е: 1 бут свежо јагнешко месо, 1 чаша бело вино, 1 чаша вода, ½ чаша млеко, 3 лажици сенф, 2 лажици маслиново масло, 2-3 млади лукчиња, 1 лажица мајчина душица (свежа или сушена), 1 лажица рузмарин (свеж или сушен), 1 лажица мешан сув зачин

и сол по вкус. Најпрво го премачкувате јагнешкото месо со сенф и маслиново масло од сите страни. Потоа месото се потопува во маринадата од млеко, вино, ситно сечканите млади лукчиња и зачините и се остава да отстои една ноќ додека добро не ги впие сите состојки. Заедно со маринадата се префрла во подлабок зад за печење, па се додава 1 чаша вода и се покрива со капак или алуминиумска фолија. Се пече во загреана рерна на 250˚С околу 40 минути, а потоа температурата се намалува на 200˚С, уште минимум 20 минути. При крајот, проверувате дали месото е печено, капакот или фолијата се тргаат и бутот се остава уште 5 минути да зарумени, односно додека кората не стане крцкава.

Зелени салати во комбинација со месото

Салатите што ќе ги послужите со месото може да биде од различен сезонски зеленчук: марула, спанаќ, рукола, краставици или од патлиџан, со маслинки, сирење и различен дресинг. Комбинацијата зависи од вашата желба и вкус.

Но можете да подготвите и салата со свеж спанаќ, калинка и варени јајца. За оваа салата ќе ви бидат потребни следните состојки: 10 листови исчистен свеж спанаќ, 4-5 листови свежа марула, 1/2 свежа краставица, зрна од една калинка, 2 лажици тостирани семки од сончоглед, 1 лажиче тостиран сусам, 1-2 варени јајца, а за дресингот: 3 лажици маслиново масло или масло од семки од грозје, 2 лажици оцет од калинка, 1 лажиче мед, 1 лажиче сенф, ½ лажиче сол, ¼ лажиче свежо мелен црн пипер. Притоа, на дното од длабоката широка чинија ги ставаме тенко сечените ленти марула и ленти спанаќ, па додаваме кругови краставица и нежно промешуваме. Ги додаваме зрната калинка и тостираните семки од сончоглед и сусам. Ги ставаме и варените јајца. Во мала тегличка ги соединуваме сите состојки за преливот. Промешуваме убаво, со тресење, за да се соединат состојките, па го нанесуваме врз салатата.

За десерт топчиња во форма на јајце

Покрај ручекот и салатата, за празникот е потребно да подготвите и десерти инспирирани од овој празник. За десерт може да има различни колачи, баклави или торта. Ние ви предлагаме топчиња во форма на јајце, за што ви се потребни следните состојки: ½ шолја путер на собна температура, ¾ шолја кафеав шеќер,

2 шолји брашно, 2 лажички екстракт од ванила, 300 мл кондензирано млеко, 1 шолја рендано чоколадо, бело чоколадо и прехранбени бои за декорирање.

Притоа, во сад измешајте ги путерот и шеќерот додека не се соединат. Додајте ги екстрактот од ванила и брашното и продолжете со мешање. Понатаму, продолжете со додавање и на кондензираното млеко. Кога сите состојки ќе се соединат, додајте го и ренданото чоколадо. Од тестото формирајте мали топки од кои ќе направите овални форми на јајца. Преку ноќ замрзнете ги.

Наредниот ден стопете го белото чоколадо, одвојте делови и потоа на секој дел додајте различна прехранбена боја. Готовите колачиња потопете ги во белото чоколадо. Од остатокот можете да нанесете и интересни линии. Оставете ги да се исушат.

Убав коктел за освежување

Покрај стандардните пијалаци како бело или црвено вино, пиво или сокови, ви предлагаме интересен празничен коктел кој може да се подготви брзо и да ве освежи. Овој коктел се прави ден порано, во сабота. Во едната тегла ставете ги пралините од црвено овошје, а во другата розовите овошни пралини. Наполнете ги теглите со вотка до 3/4, затворете ги и енергично протресете. Оставете го пијалaкот да отстои преку ноќ за вотката да ги впие слатките вкусови. Следниот ден, слатката вотка и мразот убаво измешајте ги во шеќер, а за уште подобар вкус додајте го сокот од лимон.

Покрај храната, трпезата ја красат убави декорации, различни салфетки, свежи цвеќиња и кошнички во форма на гнезда со вапсаните јајца. Овие гнезда се симбол на домот и семејството. Можете да направите комбинација од велигденски јајца, пролетни цвеќиња, лалиња и зелени гранчиња од врба, кои го симболизираат раѓањето на пролетта. Но, најважно е да бидете заедно со семејството и во слога и мир да ги дочекате празниците!

Mезе за велигденската трпеза

За Велигден, пред ручекот, на масата можете да послужите мезе со полнети јајца во форма на пилиња, а нивното украсување не бара претерани кулинарски вештини. За тоа ви се потребни следниве состојки: 8 варени јајца, 60 грама мајонез, 1 лажичка оцет, 1 лажичка сенф, морков, црн пипер во зрно и маслинки. Излупете ги јајцата и исечете ги тенко на дното, доволно за да можат да стојат исправено. При врвот исечете цикцак исечок и извадете го горниот дел. Извадете ја жолчката, а потоа додајте сол, црн пипер, мајонез, сенф и оцет. Добро соединете додека не добиете мазна смеса. Сипете го филот во шупливите белки, па покријте со импровизираната капа. Од зрната пипер направете очи, а од морковите стапала и нос.

ИЗДВОЕНИ