Шефот на Мерцедес, Тото Волф, категорично ги отфрли шпекулациите дека младиот италијански возач, Кими Антонели, во блиска иднина би можел да го напушти тимот од Бракли и да се пресели во Ферари. Австриецот беше дециден дека практично не постои таква можност, оценувајќи ги шансите за трансфер со неверојатни „0,0 проценти“.
Иако во Италија постои голема желба еден ден да видат домашен возач како светски шампион со легендарниот црвен болид, Волф смета дека Антонели нема причина да го напушти Мерцедес. Според него, клучни се лојалноста на возачот и неговото семејство, но и фактот што германскиот тим му овозможува да се бори за највисоките достигнувања.
- Не се потпираме само на лојалноста. Оваа сезона покажа дека можеме да победуваме на трки и да освојуваме титули. Кими му припаѓа на Мерцедес исто како што му припаѓаат тркалата на автомобилот – изјави Волф за германски „Билд“.
Тој откри и дека врската со Антонели е многу подлабока од обичен професионален однос. Мерцедес го поддржува Италијанецот уште од картинг-деновите, а додека бил малолетен и доаѓал во фабриката во Бракли, често престојувал во домот на Тото Волф и на неговата сопруга, Сузи. Заедно гледале филмови по напорните денови, но, како што раскажа Волф, најчесто Кими и Сузи заспивале, оставајќи го него сам да го догледа филмот.
- Пред две или три години, секогаш кога доаѓаше во фабриката во Бракли, престојуваше кај нас. Сè уште беше малолетен, па не можевме едноставно да го сместиме во хотел. Затоа тој беше практично постојан гостин во мојот дом и домот на мојата сопруга, Сузи. Вечерно време често гледавме филмови заедно, иако, всушност, само јас гледав, бидејќи Сузи не можеше да остане будна повеќе од 10 минути откако ќе почнеше филмот, а Кими беше целосно исцрпен по долгите и напорни денови. На крајот, тие двајца заспиваа еден до друг, а јас го догледував остатокот од филмот сам – вели Тото.
Особено интересно е неговото тврдење за популарноста на младиот возач во Италија. Тој смета дека Антонели е дури и попопуларен во својата татковина отколку што беше Михаел Шумахер во времето кога доминираше со Ферари.
Најдобар доказ за тоа, според него, е трката во Монца, каде што италијанските навивачи истовремено носеа дресови на Ферари и капи на Мерцедес. Иако сакаа победа на домашниот тим, беа пресреќни што токму нивниот сонародник
Кими се искачи на највисокото место на подиумот. Италија, можеби, навива за Ферари, но, очигледно, веќе има нов национален миленик – Кими Антонели!











