Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски информира дека полицијата презела нови мерки против сторители на семејно насилство и вознемирување, при што две лица веќе се лишени од слобода, а уште двајца ќе се соочат со постапки пред судот.
„Во текот на вчерашниот ден, две лица беа лишени од слобода во врска со семејно насилство и им е определен 30-дневен притвор. Денеска, уште двајца ќе се соочат со правдата по брза постапка, едниот за семејно насилство, а другиот за демнење на жена. Ова е јасна порака дека насилството и вознемирувањето нема да се толерираат“, изјави Тошковски.
Тој нагласи дека Министерството за внатрешни работи постапува бескомпромисно и дека секој што ќе изврши насилство или ќе се обиде да заплашува жена ќе се соочи со институциите и со законот.
„Како министер за внатрешни работи, сакам јасно да порачам дека МВР постапува бескомпромисно. Секој што ќе крене рака на друг или ќе помисли дека може да малтретира, демне и заплашува жена, ќе се соочи со институциите и со законот“, рече Тошковски.
Министерот ги повика жртвите на семејно насилство и вознемирување да ги пријавуваат ваквите случаи, нагласувајќи дека институциите се подготвени да реагираат брзо и одлучно.
Ги охрабрувам сите граѓани, особено жртвите на семејно насилство и било какво вознемирување, да пријавуваат. Институциите сега се тука да ве заштитат, брзо и одлучно. А оние што денес глумат морални судии и организираат пресови со „крвави раце“, обидувајќи се од трагедиите да направат политички спектакл, нека продолжат со тоа, се огласи министерот за внатрешни работи Тошковски на социјалните мрежи.
Во својата изјава тој се осврна и на политичките реакции во јавноста, посочувајќи дека одговорот на институциите ќе биде преку конкретни постапки.
„А оние што денес глумат морални судии и организираат пресови со ‘крвави раце’, обидувајќи се од трагедиите да направат политички спектакл, нека продолжат со тоа. Нашиот одговор нема да биде со прес-конференции, туку со апсења, постапки и институции што конечно работат“, изјави Тошковски.












