фото: Екосвест

Рашче е еден од ретките примери каде што има воспоставено заштита, но екологистите велат дека е факт оти подземните води комуницираат меѓу себе, поради што се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од „Југохром“ може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на вода за пиење. На овој проблем укажуваа и од „Мен енд маунтен“,  организатори на еколошката акција „Генералка викенд“. Според информациите со кои располагаат тие, еден мал земјотрес од максимум 3-4 степени може да направи расцеп на земјата и шествалентниот хром да навлезе директно во изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдуваат над 600.000 жители на градот. Од „Екосвест“ бараат Министерството за животна средина и просторно планирање итно да определи средства и веднаш да започне со решавање на овој сериозен проблем. Од градското комунално претпријатие, за жал, не добивме одговор на нашите прашања, но дека депонијата претставува најголем потенцијален ризик-фактор во однос на загадувањето на изворот, потврдуваат и експертите од Градежниот институт

фото: Екосвест

Екологистите повторно го актуализираат проблемот со депонијата од јаловина кај поранешната фабрика „Југохром“, која може да доведе до загадување на изворот Рашче и да ги остави скопјани без чиста вода за пиење. Посочуваат на ризикот дека шествалентниот хром од депонијата, преку подземните води, лесно може да стигне до изворот и да го загади до тој степен што нема да може да се користи ниту како техничка вода. Притоа, потенцираат дека Рашче е еден од ретките примери каде што има воспоставено заштита, но велат дека е факт оти подземните води комуницираат меѓу себе, поради што се јавува проблемот дека ризикот од загадување на подземната вода од „Југохром“ може да влијае на подземните басени на Рашче и тука да настане загадување на изворот на вода за пиење.

– Оваа депонија е во близина на реката Вардар и е делумно покриена со геомембрана, која има пукнатини на повеќе места. Поради тоа, водата навлегува и доведува до растворање на хромните соли. Утврдени се и други загадувачки супстанции што влијаат на подземните води во близина на локацијата. Испитувањата покажале дека подземните води во просторот на депонијата се контаминирани со шествалентен хром, што претставува ризик за контаминирање на подземните води што го напојуваат изворот Рашче, со кој Скопје се снабдува со вода за пиење – вели за весникот ВЕЧЕР Ива Петровска од „Екосвест“.       

Таа објасни дека во 2024 година, до Министерството за животна средина и просторно планирање била предадена студија од Градежниот институт, но, како што вели, оттогаш е поминато повеќе од една година, а не се преземени никакви конкретни чекори.

Од „Екосвест“ бараат Министерството за животна средина и просторно планирање итно да определи средства и веднаш да започне со решавање на овој сериозен проблем.

На овој проблем укажуваа и од „Мен енд маунтен“, организатори на еколошката акција „Генералка викенд“. Според информациите со кои располагаат тие, еден мал земјотрес од максимум 3-4 степени може да направи расцеп на земјата и шествалентниот хром да навлезе директно во изворот Рашче, од кој со вода за пиење се снабдуваат над 600.000 жители на градот.

– Знам дека не функционира фабриката и е сопственост на некоја  приватна странска фирма. Разговаравме со претставниците од Министерството за животна средина дека во овој случај се работи за еден вид токсична временска бомба, која е закана за над 600.000 жители и оти е потребно да најдат механизми да ја одземат сопственоста на фирмата, да биде на државата за да може да се интервенира и да се исчисти депонијата – изјави за весникот ВЕЧЕР Гордана Софија од „Мен енд маунтен“.  

Од ЈП „Водовод и канализација“, и покрај нашите обиди да стапиме во контакт, за жал, не добивме одговор, но дека депонијата претставува најголем потенцијален ризик-фактор во однос на загадувањето на изворот, потврдуваат и експертите од Градежниот институт.

– Јаловината се наоѓа на многу неповолна локација, лоцирана на првата речна тераса на реката Вардар, во втората заштитна зона на изворот Рашче, на само 80 метри од Жеденскиот Карбонатен Масив во кој е формиран аквиферот што го прихранува изворот Рашче. Најсериозен проблем претставува големата количина шествалентен хром – околу 7.388 тони, кој е дисперзиран низ целата депонија. Шествалентниот хром е лесно растворлив во вода и претставува категорија опасен отпад со силни канцерогени својства. Оваа депонија постојано продуцира таков хром, со што многу интензивнo ги загадила подземните води во својата околина, со концентрации што се движат од 10.000, па и до 100.000 пати над дозволените – потенцира  Златко Илијоски.

Тој додава дека во текот на постоењето на депонијата, повеќе пати биле преземани санациски мерки за заштита, а се вршел и редовен мониторинг на водата на голем број пиезометри, со цел елиминирање на негативните влијанија на депонијата врз животната средина и врз човековото здравје.

– Низ досегашниот период на работа на дренажниот систем, пумпната станица на депонијата и пречистителната станица од 2002 година досега, имало чести периоди кога пумпната станица не била во функција, при што исцедокот од депонијата се прелевал преку ревизиските бунари и директно течел во реката Вардар и кон Жеденскиот Масив. Пред 2002 година кога немало дренажи, имало природно подземно течење на контаминираната вода од запад, под депонијата кон исток, која и тогаш и сега прави сериозен притисок на аквиферот во карбонатниот комплекс на Жеденскиот Масив. Во последниве десетина години, само мал дел од контаминираните дренажни води се прочистуваат во пречистителната станица, а најголем дел се прелеваат површински во реката Вардар или подземно ги контаминираат подземните води. Од тој аспект, депонијата претставува долгогодишен проблем и сериозен потенцијален ризик- фактор во однос на загадувањето на жеденскиот карстен „издан“, од каде што извира изворот Рашче – објасни Илијоски за весникот ВЕЧЕР.     

Од Министерството за животна средина и просторно планирање велат дека депонијата на хромни соединенија е една од 16. идентификувани жешки точки во државата, а пречистителната станица ги третира водите од депонијата и подземните води од фабриката.

– За намалување на загадувањето, од 2005 година, Министерството за животна средина и просторно планирање ги покрива финансиските средства потребни за континуирана работа на пречистителната станица, и тоа трошоците за платите на вработените (осуммина извршители), трошоците за одржување на постојната опрема и набавка на нова опрема, покривање на трошоците за електрична енергија и др. Работата на пречистителната станица за намалување на загадувањето со шествалентен хром е од исклучително значење, бидејќи депонијата се наоѓа во близина на изворот Рашче, кој е главен извор за водоводниот систем за снабдување на Скопје. Затоа заштитата на квалитетот и на квантитетот на водите претставува највисок национален интерес – истакнаа од Министерството.

Оттаму додаваат дека пресметките за хидролошкиот и за хидрогеолошкиот баланс на водите направени во неколку проекти јасно покажуваат дека водата што истекува од изворите Рашче не може во целост да потекнува од врнежите и од инфилтрирањето од Жеден.

-Дел од водите потекнуваат од подземни водоносни слоеви во планот за Полошката Котлина и/или од претекувањето на реката Вардар директно во карстните водоносни слоеви на Жеден. Овој факт го одразува потенцијалот за контаминација на водата за пиење од изворите на хром во Јегуновце – појаснуваат од Министерството.

Тие се децидни дека досега не бил детектиран шествалентен хром во изворот Рашче, но оти не се исклучува понатамошна контаминација. Притоа, нагласуваат дека системот за пречистување е многу комплексен.

– Поради сложеноста и застареноста на системот, различниот состав на депонијата, често се соочуваме со многу проблеми во текот на целиот овој период од 2005 година. Често пати има затнување на дренажниот систем, проблеми со пумпната станица, далечинското управување, тековното одржување и друго. Проблемите сe надминуваат со помош на двете страни и надвор од обврските што произлегуваат од одредбите на договорите, сè со цел да се заштити околината и можното загадување на изворот Рашче – децидни се од Министерството за животна средина и просторно планирање, потенцирајќи дека прават напори за долготрајно решение.

Оттаму споменуваат дека во 2024 година, Министерството реализирало јавна набавка за изготвување студија за трајно решение на депонијата.

– Студијата беше изготвена од Градежниот институт на Македонија (ГИМ). Во студијата се даваат неколку алтернативи. Во моментот се прават анализи за избор на најсоодветна алтернатива, земајќи ги предвид еколошките, економските и социјалните аспекти – наведуваат од Министерството.

Притоа, се разгледувале можностите за отстранување на депонијата, ремедијација на самото место и реупотреба на корисните материјали, согласно со националното законодавство и меѓународното искуство во управувањето со опасен отпад со сличен состав.

– Сè додека нема конечна одлука за ремедијација, ќе се продолжи со активностите за континуирана работа на пречистителната станица – заклучуваат од Министерството.

(А. П.)

 

ИЗДВОЕНИ