Под мотото „Женски поглед: филм по нејзина мерка“, вчеравечер, во салата на Кинотеката на Македонија свечено беше отворено петтото издание на Фестивалот на грчкиот филм во Скопје, кој годинава целосно им припаѓа на жените зад камерата.
Филмот што го отвори фестивалот е насловен „Длабочината на океанот“, долгометражно дебитантско остварување на Константина Коѕамани, а посебна тежина на вечерта ѝ даде присуството на авторката на остварувањето.
Со видлива емоција, грчката режисерка пред скопската публика ја сподели личната нишка вткаена во нејзиното дело „Длабочината на океанот“, кое премиерно се прикажа во нашата земја. Дејството е сместено во еден јапонски интернат, а филмот е тинејџерска драма за созревањето и ја следи 17- годишната Акаме, која се обучува да стане професионална сирена.
– Чест ми е што премиерно беше прикажан мојот филм на свеченото отворање на фестивалот – истакна режисерката Коѕамани, откривајќи дека приказната на платното е, всушност, одраз на нејзиниот сопствен живот.
Таа израснала покрај море, вљубена е во нуркањето и длабоко фасцинирана од јапонските култура, книжевност и филм. Таа ги споила овие свои љубови во филмот, кој го создавала цели десет години. Планирани се уште две проекции на „Длабочината на океанот“.
На фестивалот, низ внимателно одбраната програма од три долгометражни и два кратки филма, потпишани од грчки режисерки, публиката добива ретка привилегија да ѕирне во различни епохи и уметнички светови, од зачетоците, па сè до најновите бранови на современата грчка кинематографија.












