среда, октомври 7, 2026
Дома СВЕТ Таен план на 27 земји: Брисел подготвува план за одговор на напад...

Таен план на 27 земји: Брисел подготвува план за одговор на напад што би можел да однесе голем број човечки животи

2
EPA/BRYAN MEADE

Европската унија во затворен формат разработува сценарио за одговор на голем хибриден напад кој би можaл да предизвика значителен број цивилни жртви, објави „Политико“, повикувајќи се на повеќе европски дипломати и официјални лица запознаени со разговорите.

Според наводите на тој весник, претставници на сите 27 држави членки во последните недели разговарале за тоа како ЕУ би требало да реагира во случај на хибридна операција со смртоносни последици, при што одделни соговорници на „Политико“ оценуваат дека таквото сценарио во Брисел повеќе не го посматраат како исклучиво теоретска можност.

Службените состаноци, како што се наведува, се одржувале во таканаречен ограничен формат – без телефони и без присуство на помошници – а расправите дополнително се интензивирале по инцидентот на аеродромот Лајпциг/Хале на почетокот на август.

Германските власти на 4 август на тој аеродром пронајдоа дрон со експлозивна направа, по што беше покрената контратерористичка истрага, а дел од воздушниот сообраќај беше привремено обуставен. Германскиот министер за внатрешни работи Александар Добринт тогаш оцени дека станува збор за „ново сценарио на закана“, додека Берлин на почетокот на септември за инцидентот официјално ја обвини Русија. Москва ги отфрли тие обвинувања. Европската унија подоцна во официјално соопштение инцидентот во Лајпциг го нарече обид за хибридна саботажа и ја поддржа германската оценка за руската одговорност.

Од сајбер напади до сценарија со човечки жртви

Европските институции и државите членки веќе имаа механизми за координација во случаи на сајбер напади, саботажи, мешање во изборните процеси и напади врз критичната инфраструктура. Сепак, според „Политико“, последните разговори биле насочени кон значително потешко сценарио – напад кој, покрај материјалната штета и нарушувањето на функционирањето на државата, би можел да доведе и до поголем број загинати.

Едно од клучните прашања било како во таква ситуација би изгледала практичната помош за нападнатата држава членка. Според истиот извор, се разгледувало испраќање специјализирани тимови за вонредни ситуации, брза распределба на финансиски и други средства, како и начинот на кој претседателите и највисоките официјални лица на институциите на ЕУ би ги координирале јавните пораки и оперативните одлуки.

Тоа укажува дека во Брисел прашањето за хибридните закани сѐ помалку се посматра само низ призмата на сајбер просторот и дезинформациските кампањи, а сѐ повеќе како безбедносен ризик кој може да има директни физички последици.

Германскиот безбедносен врв во последните денови дополнително ги заостри предупредувањата. Шефот на германската надворешна разузнавачка служба (БНД), Мартин Јегер, на 5 октомври изјави дека се зголемува опасноста таканаречената „војна во сенка“ да прерасне во посериозна конфронтација, додека канцеларот Фридрих Мерц претходно предупреди дека Европа мора да биде подготвена за „тешки хибридни напади“.

Москва ги отфрла европските обвинувања

Русија, од друга страна, ги отфрла тврдењата дека планира напад врз државите од Европската унија или НАТО и ги обвинува западните влади дека со подгревање на стравот од Русија го оправдуваат зголемувањето навоените расходи и зајакнувањето на воената инфраструктура на истокот на Европа.

Претседателот на Русија, Владимир Путин, неодамна повтори дека Москва, како што тврди, нема намера да напаѓа европски земји, но истовремено порача дека Русија ќе одговори со сите расположиви средства доколку нејзината територија биде нападната.

Така, паралелно со војната во Украина, во Европа сѐ посилно се развива и втора безбедносна линија на судир – прашањето за саботажи, дронови, сајбер операции и напади врз критичната инфраструктура. Токму поради стравот дека некој од тие инциденти би можел да ја премине границата меѓу прикриена операција и напад со масовни жртви, европските престолнини сега, според наводите на „Политико“, се обидуваат однапред да утврдат кој ги донесува одлуките, кој испраќа помош и каков би бил заедничкиот европски одговор.

ИЗДВОЕНИ