Светската здравствена организација (СЗО) соопшти дека е релативно сигурна дека хантавирусот се проширил од човек на човек на холандски крузер, каде што починаа тројца патници, објави „Би-би-си“.
Иако вирусот првенствено се шири преку глодари, претставници на СЗО предупредуваат дека во овој случај инфекцијата веројатно се проширила на многу блиски контакти на бродот „МВ Хондиус“.
Д-р Марија ван Керхове, претставник на СЗО, истакна дека некои од пациентите биле парови кои делеле кабини, што укажува на интимната природа на преносот. „Нашата работна хипотеза е дека ова веројатно е комбинација од различни начини на пренос“, рече Ван Керков, нагласувајќи дека ризикот за пошироката јавност е низок, а овој вид на ширење на вирусот е исклучително редок.
На бродот, кој е закотвен покрај брегот на Капо Верде, моментално има 149 лица од 23 земји. Сите се под строги карантински мерки.
Според најновите податоци, идентификувани се седум случаи – два потврдени и пет сомнителни.
Трагедијата длабоко ги потресе семејствата на патниците. Меѓу починатите е и брачен пар од Холандија – сопругата е позитивна на вирусот, додека резултатите од сопругот сè уште се чекаат. Третата жртва е германски државјанин кој почина на 2 мај.
Семејството на холандската двојка издаде срцепарателно соопштение: „Прекрасното патување на кое уживаа заедно е прекинато одеднаш и засекогаш. Сè уште не можеме да се помириме со фактот дека ги загубивме.“
Покрај починатите, вирусот е потврден и кај 69-годишен Британец кој бил итно евакуиран во Јужна Африка на лекување. Се очекува медицинска евакуација со авион и за двајца други членови на екипажот – Холанѓанец и Британец – кои покажуваат респираторни симптоми.
Истражителите веруваат дека ова е „андскиот“ сој на вирусот, кој е карактеристичен за Јужна Америка, каде што крстарењето започна пред еден месец, тргнувајќи од Аргентина. Иако екипажот потврди дека немало стаорци на бродот, Ван Керхове забележува дека за време на патувањето, бродот посетил бројни острови каде што патниците можеле да дојдат во контакт со измет од глодари.
Додека се вршат тестови на преостанатите патници, судбината на бродот останува неизвесна. Иако СЗО првично изјави дека Шпанија му дозволила да се закотви на Канарските Острови, локалното министерство за здравство се воздржа. Мадрид вели дека ќе донесе одлука дури откако ќе ги анализира епидемиолошките податоци додека бродот поминува покрај брегот на Африка.
И покрај неизвесноста, атмосферата на бродот, според еден анонимен патник, е доста добра.
Патеписецот и блогер Џејк Розмари споделува поинакво мислење на социјалните мрежи: „Има многу неизвесност и тоа е најтешкиот дел. Сè што сакаме е да се чувствуваме безбедно, да имаме јасни информации и да си одиме дома“.












