Истражувањата покажаа дека луѓето кои редовно пијат чај имаат 11 отсто помал ризик од кардиоваскуларни заболувања во споредба со оние кои не го консумираат.
Во студијата, објавена во списанието Journal of Internal Medicine, учествуваа повеќе од 480.000 возрасни лица во Кина, кои беа следени во просек 9,05 години.
Во текот на тој период, кај 14.863 учесници се појавија состојби како што се срцеви заболувања, цереброваскуларни болести, белодробни заболувања и болести на периферните артерии.
Најмал ризик е забележан кај поединците кои пиеле помеѓу шест и осум шолји чај дневно, пренесува агенцијата DPA.
Кој чај нуди најмногу придобивки?
Резултатите исто така покажаа дека консумирањето црн чај е поконзистентно поврзано со помал ризик од кардиоваскуларни болести, во споредба со консумирањето зелен чај.
Најмал ризик е забележан кај луѓето кои пиеле чај со умерена јачина, додека консумирањето екстремно жешки пијалаци е поврзано со поголем ризик од овие болести.
– Збирните анализи покажаа дека консумирањето чај, пушачкиот статус и физичката активност се поврзани со кардиоваскуларниот ризик. Комбинацијата од редовно пиење чај, непушење и високо ниво на физичка активност е поврзана со најмал ризик – наведоа авторите на студијата.
Сепак, важно е да се нагласи дека резултатите укажуваат на поврзаност, но не докажуваат дека чајот директно го спречува развојот на кардиоваскуларни болести.












